Скоро една година нема трага и глас од Марија Брзакова. Според пријавеното, на 18 јануари во раните утрински часови, облечена во темни тренерки и патики или влечки, без телефон или друг личен документ, тогаш 28-годшната жена го напуштила семејниот дом во струмичко Босилово. Таа има костенлива долга коса, висока е околу 160 сантиметри, средна градба…
Нејзиното исчезнување во полиција од страна на сопругот беше пријавено дури три дена подоцна.
Тогаш стотина ловци, граѓани и кучиња во координација со полицијата, трагаа по Брзакова по течението на реките Турија и Струмица, по каналите, полето, браните, каналите, сè до границата со Бугарија.
Од струмичката полиција за ТВ Вис велат дека истрагата е отворена, а деталите за случајот се дадени на Основното јавно обвинителство. Оттаму, пак, за телевизијата велат дека разгледуваат повеќе можности за случајот: Дали младата жена е навистина исчезната, можноста од самоповредување или одземање на сопствениот живот, но и можност од насилна смрт.
Според граничната полиција Брзакова не ја напуштила државата, бидејќи не е регистрирана на ниту еден официјален граничен премин дека излегла од неа.
Разгледани се снимките од селото и околните патни правци, земени се изјави од најблиските, а проверени се и нивните телефони, но и оттаму нема информации за Брзакова.
Брзакова е мајка на четиригодишно дете, а во моментот на исчезнувањето била во вториот месец од бременоста. Нејзината мајка Валентина тогаш порача дека Марија е семејна личност, која никогаш не би си го напуштила детето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.