Јавното обвинителство вели дека активно постапува за утврдување кривична одговорност во предметите поврзани со групите „Јавна соба“ оформени на социјалната мрежа „Телеграм“. Истрагата за предметот познат како „Јавна соба 1“ е во тек и е во завршна фаза, додека предметот во јавноста познат како „Јавна соба 2“ е во фаза на предистражна постапка.
Во предметот во јавноста познат како „Јавна соба 1“, Основното јавно обвинителство Скопје на 05.02.2021 година донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кривично дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија по член 193-а став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Во периодот од 19.12.2019 година до 28.01.2020 година, двајцата осомничени, како основач и модератор на групата, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудио-визуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата. Но, тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудио-визуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете, се вели во соопштението од ОЈО.
Надлежниот јавен обвинител, се вели во соопштението, ги повика двајцата осомничени да бидат испитани во Јавното обвинителство, а ќе следи и увид во доказите од одбраната. Воедно Јавното обвинителство ги комплетира и материјалните докази за кривичното дело за кое е отворена истражната постапка, по што ќе следува донесување на јавнообвинителска одлука.
Од ОЈО информираат дека на социјалната мрежа „Телеграм“ оваа група веќе е згасната, обвинителството во овој предмет поведе постапка за ова кривично дело, бидејќи во текот на предистрагата беа обезбедени материјални докази кои упатуваат токму на оваа правна квалификација.
Предметот во јавноста познат како „Јавна соба 2“ е во фаза на предистражна постапка.
Основното јавно обвинителство Скопје преку Министерството за внатрешни работи на 27.1.2021 година се обрати до Меѓународниот сервис провајдер за услуги – Телеграм, а да ги добие реалните податоци за корисничките профили на креаторите, администраторите и членовите на групата. До овој момент од социјалната мрежа „Телеграм“ не е добиен одговор на ваквото барање. Овие податоци се неопходни со цел да се утврди идентитетот и Обвинителството да може кривично-правно да постапува против лицата инволвирани во оваа група. Од тие причини, Јавното обвинителство ги искористи и механизмите на меѓународна правна помош, па согласно позитивните домашни и меѓународни прописи, податоците ги побара од Обединетото Кралство, информираат од ОЈО.
За утврдување кривична одговорност во групата „Јавна соба 2“, согласно својата надлежност, постапуваат повеќе јавни обвинителства во државата, при што се издадени наредби за вештачења и барања за обезбедување податоци.
Во Основното јавно обвинителство Велес во врска со „Јавна соба 2“ оформен е предмет и донесена е Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради постоење на основано сомнение дека го сторило кривичното дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија од член 193-а став 3 во врска со став 2. Имено, при вештачење на мобилниот телефон на осомничениот, пронајдени се видео записи со детска порнографија, се вели во соопштението од ОЈО.
Во Основното јавно обвинителство Битола, исто така, е оформен предмет во врска со „Јавна соба 2“.
Обвинителството издаде наредби за вештачење на ЦД и на мобилен телефон во насока на прибирање материјални докази и утврдување на факти во предметот. По пристигнување на извештајот од извршеното вештачење ќе биде донесена одлука за натамошниот тек на постапката, информираат од ОЈО.
Се постапува и во Кавадарци, каде во тек е прибирање на материјали докази, за кои обвинителството во моментов не е во можност да сподели детали, а оформен предмет има и во Основното јавно обвинителство Прилеп, каде од пријавеното лице се одземени два мобилни телефона и издадена е наредба за нивно вештачење.
Од ОЈО, информираат дека во зависност од обезбедените вербални и материјални докази во текот на претходната постапка овие предмети поврзани со групата „Јавна соба 2“, ќе биде одредена и правната квалификација која ќе произлезе за наведените кривично-правни настани.
Обвинителството уште еднаш ги охрабрува оштетените и жртвите од овој и слични кривично-правни настани да ги пријавуваат во Министерството за внатрешни работи како овластен орган за утврдување на идентитетот на сторителите на кривични дела.
Од Јавното обвинителство, исто така, информираат ги поддржува предлозите за дополнување на Кривичниот закон.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.