Смртно застреланите рано утрото во петокот во скопската населба се идентификувани како 24-годишниот Бурим Вардари и 28-годишниот Африм Бериша. Двојното убиство се случило по 2 часот по полноќ на улицата „5“’ која се спојува со булеварот „Македонско-косовска бригада“.

Безживотните тела на двајцата млади скопјани биле пронајдени во автомобил „цитроен“ со скопска регистерска табличка. Околу возилото увидната екипа на полицијата пронашла повеќе чаури од пиштол и автоматска пушка.

Полицијата засега нема информации кој и зошто пукал кон автомобилот во кој се наоѓале двете лица. Пукањето ги разбудило жителите на населбата.

Станува збор за втор инцидент со огнено оружје оваа седмица во Скопје, откако во понеделникот полицаец беше ранет во Ѓорче Петров откако во него било пукано од автомобил во движење. Во врска со случајот полицијата приведе двајца косовски државјани, но обвинителството ги ослободи бидејќи немало докази дека тие пукале во службеното лице.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.