Пожарот, кој избувна синоќа по 23 часот во Трговскиот центар „Глобал“ во Струмица е изгаснат рано утринава, а на одредени места во внатрешниот дел, каде се сместени поголем број тезги и продавници се уште тлее и повремено се појавуваат мали пламени јазици.

Од тоа што може да се забележи на местото на пожарот, изгорени се повеќе од десет продавници, внатрешниот дел каде е сместен пазарот и тезгите во најголем дел е изгорен, зафатен е супермаркет во внатрешноста, а пламените јазици зафатиле и делови до третиот кат од трговскиот центар.

Купишта изгорен материјал, стока, вода на сите страни, а местото го обезбедува екипа на ТППЕ Струмица, која внимава да не дојде до нов пожар и интервенира на местата каде се појавуваат пламени јазици.

Неколкумина сопственици на продавници и тезги само немо посматраа во објектот и не беа расположени да дават изјави.

Синоќа на пожарот беше и градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, кој рече дека материјалната штета е голема, а за среќа нема повредени.

Според него, синоќа во гаснењето учествувале и противпожарни екипи од околните градови и возила на ЈПКД „Комуналец“.

 

Според очевидци, пожарот веднаш се проширил.

Местото на пожарот го обезбедува полицијата и приодот околу него е обележан со лента.

Засега не се знаат причините за пожарот, во кој е причинета голема материјална штета.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.