По предлог на јавен обвинител, определен му е притвор за 20-годишникот кој уби својата баба во Драчево. Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, ценејќи дека се исполнети законските основи, до судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 попладнево достави предлог за определување мерка притвор за 20-годишното момче од Драчево, за кое постои основано сомнение дека ја убил неговата 66-годишна баба.

Судијата го прифати ваквиот предлог и на осомниченото лице му е определена мерка притвор во траење од 30 дена, бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и опасност осомничениот да го повтори делото.Јавниот обвинител донесе наредба за спроведување истрага против осомничениот за кој постои основано сомнение дека сторил кривично дело – убиство од чл.123 ст.2 т.2 од Кривичниот законик, информира обвинителството.

Осомничениот со умисла, при вршење семејно насилство, ја убил неговата баба по мајка, нанесувајќи и повеќе убодни рани со нож, од кои раната во пределот на вратот била смртоносна.

Тој вчера сам се пријавил во полициска станица и признал дека ја убил неговата баба. Мотивите за кривично-правниот настан се уште се утврдуваат. По наредба на надлежен јавен обвинител, телото на починатата е предадено на обдукција, а се вештачат и трагите и материјалните докази пронајдени на лице место при извршениот увид.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.