Порнографски видеа и фотографии со експлицитна содржина со девојки и жени од Гевгелија и околината се споделуваат на пораки преку Вибер и Месинџер. Случајот е пријавен во Министерството за внатрешни работи, каде се постапува по него.

Екслицитните клипови и фотографии пристигнале до редакцијата на „Слободен печат“, кој случајот го пријавил во МВР.

„Слободен печат“ објави дека до нивната редакција пристигнале десетина порнографски клипови и фотографии со експлицитна содржина на кои се гледаат ликовите на девојки и жени од Гевгелија и од Богданци. Овие видеа масовно се споделувале по приватни канали од еден на друг корисник во Гевгелија овие денови, а жените и девојките што се на нив, се мета на јавен линч на своите сограѓани, кои не само што ги споделувале клиповите по пат на системи за пораки, како Вибер и Месенџер, туку и создавале адаптации на логоа од порнографски сајтови насловени како „ГевгелијаХаб“.

Од МВР за МИА потврдија дека случајот е пријавен и дека се постапува по него, но напоменуваат дека според досегашните сознанија не станува збор за случај оној налик на „Јавна соба“, кој одекна во јавноста на почетокот на годината. Во тој случај фотографии и видеа со девојки, од кои некои малолетни, се споделувале подолг временски период во групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм. Некои од фотографиите биле преземени од профили на социјалните медиуми, некои, пак, биле дел од приватна комуникација со поранешен партнер, за потоа да бидат злоупотребени и пуштени во отпег во „Јавна соба“.

Од МВР за МИА посочуваат дека во овој случај станува збор пред се за приватно снимени фотографии и видеа, кои биле за лична употреба, а потоа се злоупотребени. Тие, додаваат од полицијата, не се објавуваат во некоја група или на некоја платформа, туку се препраќаат од еден на друг корисник преку пораки на Вибер и Месинџер. Сепак, случајот ќе се испитува и допрва ќе се утврдува за што станува збор.

МИА побара одговор и од гевгелиската полиција, од каде ни посочија дека тие се информирани, дека ги детектираат информациите и се уште утврдуваат за што станува збор.

Едно од видеата било претходно споделуввано и во „Јавна соба“

За случајот е информиран и Хелсиншкиот комитет за човекови права, кој нагласи дека собира информации и најавува соодветни дејствија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.