Секторот за внатрешни работи Струмица – Надворешна канцеларија за криминалистички работи Валандово, до Основното јавно обвинителство во Велес, поднесе кривична пријава против Д.П. (47) од валандовското село Брајковци, осомничен за сторено  кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”.

Со наредба за претрес на домот и помошните  простории  од страна на судија на претходна постапка, вчера е извршен претрес кај пријавениот, соопшти денеска МВР. При извршениот претрес во домот и помошните простории кај пријавениот, пронајдени се едно пластично буре, осум картонски кутии  и две книжни вреќи со марихуана. Со потврда за привремено одземени предмети пронајдените предмети се одземени, пријавениот е лишен од слобода  и задржан во просториите на ПС од ОН Гевгелија. По извршено вештачење констатирано е дека се работи за марихуана со нето-тежина од 7,6 килограми.

По наредба на судија на претходна постапка на пријавениот му е одреден притвор во траење од 30 дена.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.