Полицијата во соработка со Основното јавно обвинителство влезе денеска во фирми на советникот на ДУИ Нефи Усеини.

Од полицијата и од МВР не даваат детали ниту официјални информации.

Според некои сознанија, се вршат проверки во базата за бетон, која е сопственост на Усеини, а се наоѓа во близина на болницата Свети Еразмо. Овие проверки биле дел од претходно отворена постапка за фирмата. Акцијата ја воделе инспектори за економски криминал од СВР Охрид.

Инаку Нефи Усеини е советник во општина Охрид кој стана познат откако изгради тераса пред локал во заштитеното подрачје на Охрид. Терасата беше прогласена за дивоградба и беше наложено уривање, но таа одлука на локалните власти не беше реализирана.

Усеини како советник и градежен бизнисмен учествувал и добивал тендери во општината, но по укажување на антикорупциската комисија тие договори беа прекинати.

Усеини пак се жалеше на селективност кон неговата тераса и бараше да се урнат сите дивоизградени објекти во Охрид, а не да се зборува само за неговата тераса.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.