Кривични пријави против седум лица за тепачката што се случи во понеделникот во Шуто Оризари. Двајца од напаѓачите се лица вработени во МВР, потврди денеска портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, додавајќи дека против нив е поведена постапка за дисциплинска одговорност и времено им е прекинат работниот однос.
Поднесени се две кривични пријави од кои едната до надлежното Основно јавно обвинителство-Скопје против Ѓ. Д. (44), Е.З. (31), У. Ќ (30), С. Ј. (40) и А. И. (25) сите од Скопје и втората до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против лицата Е. З. (41) и А. З. (41) вработени во МВР, кои не биле на работа, поради основи на сомнение дека сториле кривично дело „насилство“, рече Ангеловски.
Седуммината се осомничени дека ги истепале Б. К., Ф.К. и А.Р.. Двајца од нив, исто така, се полицајци.
Откако од страна на повеќе лица кои биле во толпата, било запрено возило „хундаи галопер“, во кое се превезувале К. Б., како возач, А. Р. како совозач и Ф.К., настанала расправија, бидејќи пријавените се сомневале дека оштетените наводно грабнале дете во населба Шуто Оризари иако ниту едно семејство на територијата на Скопје нема пријавено таков случај. Оштетените биле извлечени од возилото и физички биле нападнати од пријавените, иако А.Р. се легитимирал со службена легитимација и кажал дека е вработен во МВР, рече Ангеловски.
Пријавените по нападот избегале.
Од МВР апелираат до медиумите и граѓаните да не шират страв и паника за наводно киднапирање деца во Шуто Оризари.
МВР нема дојава, ниту, пак, е пријавен настан за наводно киднапрање на деца. Тоа што се собираат жители во населбата е резултат на фамата што се создаде во јавноста. Ги замолувам медиумите да не ја подгреваат ситацијата со вакви објави, рече Ангеловски.
Порталот „Инфомакс“ претходно објави дека двајцата полициски службеници кои учествувале во во нападот се поврзани и со Енис З., кој најверојатно работи како приватно обезбедување на висок функционер на СДСМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.