Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвиненителен акт против едно лице, кое се товари за убиство во обид и за соизвршителство, како и за предизвикување општа опасност.
Обвинетиот на 24.01.2019 година, во скопската населба Маџари, по претходен договор со негов близок роднина кој во моментов е недостапен на органите на прогонот, со умисла се обиделе да убијат едно лице. Имено, на критичниот ден оштетениот се возел во автомобил „фолксваген голф 5“ заедно со неговиот малолетен син и со уште две лица со кои бил во роднинска врска. Заради претходно нарушени меѓусебни односи на двете семејства, обвинетиот, управувајќи со патничко моторно возило „фолксваген голф 3“ удрил во нив, а зад нив застанал и неговиот роднина со автомобил „алфа ромео 156 караван“. Во двата автомобили имало и други засега непознати лица, кои излегле и со шипки ги искршиле стаклата на „голфот“ во кој се превезувал оштетениот. Во тој момент детето на оштетениот излегло од автомобилот, а обвинетиот го удрил со тупаница, нанесувајќи му телесни повреди, се вели во соопштението на Обвинителството.
Обвинетите и засега неидентификуваните лица кои биле со нив, потоа отвориле оган од четири огнени оружја – пиштоли кон патниците во автомобилот „голф 5“ и директно кон оштетениот, со умисла обидувајќи се да го убијат и нанесувајќи му тешки телесни повреди во вид на огнострелни рани на двата скочни зглоба на нозете и скршеници на левиот талус и на десната потколеница.
Во тој момент, оштетениот паднал на земја, но еден од неговите роднини, со својот пиштол „Ekol Special 99“, преправен како огнено оружје, што го поседувал без дозвола, возвратил на пукањето. Со ова дејствие и тој предизвикал значителна опасност за телото на луѓето, па и против ова лице надлежниот обвинител покрена обвинение за кривично дело – Предизвикување општа опасност и за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и трговија со оружје или распрскувачки материи“ стои во соопштението на обвинителството.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.