Александар Василевски Нинџа, осуден на 8 години затвор за настаните на 27-ми април денес се наоѓа во Апелациониот суд во Скопје каде заедно со 15 други неправосилно осудени луѓе ја следи седницата на која се одлучува по жалбите за пресудата донесена од судијката Добрила Кацарска.
За потсетување, на 15-ти март Кацарска пресуди 211 години затвор за 16 лица, а ослободен од вина беше Игор Дурловски. Пресудата во голем дел беше темелен на кажаното во судница од страна на Нинџа, кој според коментари на бројни правници имал „улога“ да ги пополни огромните дупки во обвинението на Рускоска за тероризам.
Па така, Кацарска одбра да му верува на кажаното на Нинџа кој даде своја одбрана од позиција на обвинет, а не на сведоци кои под заклетва сведочеа спротивно на кажаното од страна на Нинџа.
ДЕСЕТИЦИ КРИВИЧНИ ДЕЛА И ГОДИНИ ЗАТВОР ГО ПРАВАТ ИДЕАЛЕН СВЕДОКСОРАБОТНИК ЗА РУСКОСКА И КАЦАРСКА
Нинџа има навистина дебело криминално досие и доста години од својот живот поминал зад решетки. Злоупотреба на доверба и измама, Изнуда и употреба на огнено оружје, Предизвикување опасност со помош на експлозив, Употреба на огнено оружје, Присилување со употреба на физичка сила, Напад со оружје, Сочекување и ненадеен напад – ова се само дел од арсеналот на „дела“ со кои може да се пофали човек од неговиот калибар.
Но, во неговата историја стои и дека не само за 27-ми април, туку и претходно добивал поблаги казни или преиначување на дела за кои бил обвинет откако во судот ќе посведочел нешто во корист на обвиненијата, без оглед дали бил вмешан во случајот или само сведок.Еден од најеклатантните примери е случајот „Ровер“ за кој Нинџа 12 години по првичното сведочење одеднаш се сетил кои се убијците на Марјан Тушевски и Киро Јанев, иако 12години претходно претходно тврдел дека не знае.
Два месеци по ова сведочење за „Ровер“, Нинџа добива преквалификација на делото во друг случај во кој е обвинет, па така од Убиство во обид, обвинителството одлучува дека ќе го преиначи случајот и го обвинува само за Нанесување тешки телесни повреди, за што е и осуден и добива казна 10-кратно пониска од казна за Убиство во обид.
Целата криминално-соработничка историја на Нинџа не ја поколеба судијката Добрила Кацарска да му верува нему, наместо на сведоци под заклетва кои опонираа на неговите лаги.
На судењето за 27-ми април откако Нинџа ги пополни дупките во обвинението на Рускоска и овозможи осудителна пресуда каква се чини од самиот старт посакуваше и планираше ангажираниот судски егзекутор во овој случај, иако обвинет за тероризам и за организирање на лицата со качулки, Нинџа доби 8-годишна казна, 2 години под минималната, за разлика од лицата на кои според Рускоска им дал качулки и насоки што да прават, кои добија по 12-13-15 години затвор. Единствен полесно осуден од Нинџа е Абдулфета Алими, дел од собраниското обезбедување кој е еден од луѓето кои го спасија Зијадин Села.
РУСКОСКА СИ ГО ПОВИКА СОРАБОТНИКОТ „НА КОНСУЛТАЦИИ“ ПРЕД НОВОТО СВЕДОЧЕЊЕ ЗА 27-МИ АПРИЛ?
На 14-ти мај се појави информацијата дека Рускоска го повикала Нинџа на средба во обвинителството во Скопје, поради наводни закани од други затвореници, иако според затворската управа во изјава за ТВ Алфа, кон Нинџа немало никакви пријавени закани и дека бил спроведен во Скопје на барање на Рускоска.
За оваа средба е очигледно дека некој лаже – или обвинителството на Рускоска или затворската управа. Но се поставува и прашањето кој какви мотиви би имал да изнесе лага? Зошто би лажеле од затворската управа, односно дали се помотивирани да лажат од обвинителството на Рускоска?
Индикативно е дека средбата меѓу Нинџа и Рускоска беше откриена од новинарите само еден ден откако на рочиште на судењето за настаните од 27-ми април, уште еден сведок кој беше предложен од Рускоска негираше тврдења напишани во обвинителни.
Дали Рускоска решила повторно да се потпре на својот „соработник“ и го повикала на консултации (без да има никакви закани кон него) со цел да проба да го спаси обвинението за измислениот тероризам? Ова прашање ретко кој би рекол дека е нелогично, имајќи ги предвид сите факти досега.
ВЕТЕНИ ЛИ МУ СЕ НА НИНЏА ОЛЕСНИТЕЛНИ ОКОЛНОСТИ ПРЕКУ АПЕЛАЦИЈА, АКО СВЕДОЧИ ПО НОТИТЕ НА РУСКОСКА?
Одтаму, очекувајќи ја разврската од седниците за жалбите за 27-ми април пред Апелациониот суд во Скопје, се поставува прашањето дали на Нинџа покрај минималната затворска казна му се ветени дополнителни олеснувања, односно намалување на казната од страна на повисок суд, доколку ги пополни повторно дупките во обвинението на Рускоска.
Се случило и порано, можеби се случува и во моментов пред очите на јавноста. Објективната вистина и за случувањата во Собранието, но и за лакрдијата од судски спорови кои се водат за тие настани, како и за улогата на секој еден чинител (судии, обвинители, лажни сведоци) еден ден ќе излезе на површина. Дотогаш остануваат фактите.
А тие велат:
-Нинџа го менува драстично својот исказ три пати пред Кацарска да донесе пресуда.
-Ако не беа зборовите кажани од него, Кацарска ќе имаше проблем да ја пополни пресудата со која додели повеќе од два века затвор.
-Ако не беше кажаното од Нинџа, Рускоска ќе се соочеше со вистинитиот суд на нејзиното обвинение полно небулози и измислици поткрепени од грст лаги кажани од човек со десетици кривични дела и години затвор зад себе, обвинет во истиот случај!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.