Тетовската полиција по допрен глас во јавноста го истражува случајот со тетовецот Ибин Емшиу кој во трагедијата во тетовскиот ковид-центар ги загуби својот татко и брат. Тој во сведочење за Дојче Веле тврдеше дека во тетовскиот ковид-центар му барале пари за нега на брат му.

Полициски службеник денеска го пронашол во тетовското село Синичане. Тој рекол, за што е сочинета и службена белешка, дека немал директна закана по неговиот живот, туку дека по дадената изјава за медиум, на социјални мрежи наводно прочитал три коментари во врска со дадената изјава – да внимава што изјавува и дека може нешто да му се случи. Покрај тоа, како што им кажал на полициските службеници денеска, на стакло од неговото возило на лист наводно подоцна му било напишано „Внимавај”. Но, не ги сочувал ниту коментарите од социјални мрежи, ниту листот, велат од тетовската полиција.

Тој, исто така, им рекол на полициските службеници дека нему никој не му барал пари во болницата, туку самоволно им дал на поединци од медицинскиот персонал, за „подобро да се грижеле за неговите најблиски“. „Официјална пријава не е поднесена до СВР Тетово, ниту за заканите за живот, ниту во однос на тврдењата дека му биле барани пари за медицинска нега“, вели за ДВ Марјан Јосифовски, портпарол на СВР Тетово.

Но, Емшиу реагира на ваквите наводи на полицијата.Тој тврди дека не го сменил исказот во полиција и дека останува на своето сведочење. Тој за ДВ изјави дека му се заканувале дека ќе го убијат и дека е решен да ја каже вистината за пожарот во тетовскиот ковид-центар.

Ибин Емшиу за ДВ сведочеше дека е гневен на вработените во ковид-центарот, но и на политичарите кои, како што вели, се обидуваат да ја сокријат вистината за трагедијата. Тврди дека морал да им плаќа по 1.000 денари дневно на болничарите за да го негуваат неговиот неподвижен 28-годишен брат кој боледувал од церебрална парализа.

Шест дена седев таму. Барав помош за нега на брат ми затоа што е неподвижен. Од болницата ми рекоа дека немаат слободен човек кој би можел да ми помогне за да му ги менувам пелените. Јас имам свои здравствени проблеми, но бев во состојба да дадам пари за да се грижат за него, и ова го прифатија. Кога дојде работата да платам, тие прифатија да помогнат. Платив за да ми помагаат два пати дневно.” Сумата која му ја побарале била 1.000 денари дневно, тврди Емшиу.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.