Љубомир Митев (79) од кратовското село Којково, кој пред шест години смртно застрела двајца разбојници кои беа провалиле во неговиот дом и го малтретирале него и сопругата, нема да одговара за кривично дело убиство, одлучи Основното обвинителство Куманово. Митев едниот од разбојниците го усмрти, а другиот го рани, кога тие упаднале во неговата куќа за да го ограбат.

ОЈО Kуманово го повлече обвинението за кривично дело „убиство во миг“, па во Основниот суд Куманово ќе му се суди само за кривичните дела обид за убиство и недозволено држење на оружје.

По шест години, ова е голема правна победа на одбраната. Ќе имаме полесна битка во иднина, речиси се преполови обвинението во делот на товарот на докажувањето. Наредното рочиште е закажано во септември, кога ќе продолжиме со доказните средства и предлозите на одбраната, и се надеваме дека ќе ја докажеме тезата на одбраната: дека дедо Љубе постапувал целосно во услови на нужна одбрана, како што докажавме и за овој дел од обвинението, за да дедо Љубе во мир и спокојство си ги поминува годините од староста, изјави адвокатот Христијан Георгиевски од Куманово, објави СДК.мк.

Постапката за дедо Љубе започна во јануари 2018 година.

Во април 2015 година, по барање на адвокатите на Дедо Љубе, поради одредени пропусти, обвинението беше укинато и предметот се врати во истражна постапка. Дедо Љубе беше обвинет за три кривични дела: убиство во миг, убиство во обид и недозволено поседување на оружје, затоа што го убил Зоран Златков (28) и го ранил Борчо Иванов (30), откако неколку часа го измачувале и се заканиле дека ќе ги убијат него и неговата неподвижна сопруга ако не им ги даде парите.

Разбојништвото се случи на 27 февруари 2013 година во трошната куќа на двајцата старци во планинското село Којково, кога двајцата натрапници насилно влегле во нивниот дом и почнале да се изживуваат. На дедо Љубе му ставиле најлон во уста го турнале на земја и го тепале, а потоа го врзале со јаже за столче, додека бабата ја покриле со ќебе и ја малтретирале. Потоа отишле во другата соба да ги бараат парите, тој го искористил нивното невнимание и се одврзал. Заминал во подрумот и ја земал ловечката пушка од која пукал.

Пред почетокот на судењето јавноста бараше ослободување на Дедо Љубе, бидејќи сметаше дека старецот бил нападнат во својот дом и во самоодбрана ги извршиле делата за што се товари.

Разбојникот Иванов кој преживеа е осуден на 8 години затвор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.