Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против едно лице, кое на 14 септември во скопското село Бојане со истрели од огнено оружје – автоматска пушка и полуавтоматски пиштол што ги поседувал без дозвола, предизвикал значителна опасност за животот на неколку лица кои во тој момент се наоѓале во близина на селскиот бунар.
Обвинителството го товари ова лице дека извршил кривични дела – предизвикување општа опасност и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Тој прво започнал вербална и физичка расправија со едно лице. По ова, со полуавтоматски пиштол „застава М57“ со калибар од 7,62Х25мм, кој го поседувал без дозвола, обвинетиот испукал неколку проектили кон продавницата пред која седеле неговите соселани. Веднаш потоа, влегол во својот дом од каде излегол со автоматска пушка „Застава М70Б1“ со калибар 7,62Х39мм, кое оружје им е забрането на граѓаните. Во дворот тој испукал неколку проектили во воздух. Селаните го пријавиле во полиција, по што лицето било приведено, а оружјето му било одземено, се наведува во соопштението.
Ценејќи дека законските основи заради кои на лицето првично му беше определена мерка притвор и натаму постојат, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и посебен предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетиот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.