Раководниот тим на велешката Фабрика за масло „Благој Ѓорев”се обврзал во рок од 15 дена да плати глоба во износ од 50 илјади евра во денарска противвредност поради пожарот во силос полн со 400 тони пелети од сончогледови лушпи, што изби на 27 септември годинава.

Во пожарот, кој тлееше една недела, изгореа 400 тони пелети, што предизвикаа црн чад и тешка реа кои им го нарушуваа здравјето на велешани, а кои поради тоа остро реагираа во јавноста. Со брза и правилна интервенција на Противпожарната единица од Велес беше избегната и поголема катастрофа, бидејќи можеше да дојде до поголема експлозија во силосот и загрозување на околните згради и куќи.

Како што денеска информира од Општина Велес, спогодбеното плаќање на „Маслодајна” било договорено на седницата на Комисијата за спогодување при Министерството за животна средина и просторно планирање одржана на 13 ноември, на која присуствувале претставници од А.Д. „Благој Ѓорев” и овластениот инспектор за животна средина на Општина Велес, Билјана Шуркова Манаскова, која и ја водеше инспекциската постапка.

Како што денеска појаснија од Општина Велес спогодбата има сила на извршна исправа. Покрај ова, на одговорните во правното лице, односно извршниот директор на А.Д. „Благој Ѓорев” и одговорниот претставник за животна средина им се изречни казни од по 15.000 евра во денарска противвредност, кои ќе се извршат доколку во рок од една година од денот на склучување на спогодбата тие сторат нов прекршок од областа на животната средина.

Според општинските власти, „Благој Ѓорев” се уште нема Б интегрирана еколошка дозвола, но фабриката работи врз основа на тоа што има дозвола за усогласување. За добивање Б интегрирана еколошка дозвола постапка е започната во 2013 година, а пречка се трите котли на фабриката од кои два работат на мазут, а еден на пелети од сончогледови лушпи.

Инаку за време на пожарот во еден од силосите каде беа сместени пелетите од сончогледови лушпи кои се самозапалија, неисправна беше сондата која ја мери температурата.

Поради нејзината неисправност, не можело да се реагира навреме, информираше тогаш инспекторката Шуркова Манаскова, која по пожарот направи увид и надзор во запалениот силос на „Маслодајна”.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.