Четворица жители на селото Глумово и еден жител од селото Рашче, се уапсени по вчерашниот инцидент што се случи во кањонот Матка крај Скопје, информираше денеска Министерството за внатрешни работи (МВР).

Полицијата има основи на сомневање дека уапсените сториле кривично дело „насилство“. Меѓу уапсените го нема името на Мерван Сулејмани, внук на поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ), Сулејман Реџепи кои според очевидците бил оној кој пукал во инцидентот.

Според полициското соопштение во пресметката помеѓу двете групи биле користени, ножеви, бејзбол палки и пиштоли.

На 09.05.2020 во 20.20 часот 31 годишен жител на село Глумово пријавил дека истио ден околу 15 часот забележал дека негов соселанец пукал со пиштол кон еден од неговите браќа кои во тој момент биле на работа во Планинарскиот дом на Матка. До него биле уште двајца од напаѓачите кои носеле пиштоли. Во еден момент од расправијата друг соселанец со бејзбол палка го нападнал пријавителот на настанот. По ова напаѓачите веднаш избегале од местото на инцидентот – велат од МВР.

Освен ова од МВР не информираат зошто и покрај тоа што има докази дека внукот на реисот Сулејмани бил дел од напаѓачите и пукал во инцидентот, тој не се наоѓа меѓу приведените.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.