Статистиката покажува дека пешаците, особено повозрасните пешаци, и понатаму остануваат една од најранливите и најзагрозените групи учесници во сообраќајот. Црната статистика за 2017 година покажува дека 34 пешаци го загубиле животот во сообраќајни незгоди, од кои, дури 17 се на возраст над 65 години, а 914 пешаци се сериозно повредени. Во 2018 година, 27 пешаци го загубиле животот во сообраќајни незгоди, од кои 14 се на возраст над 65 години, а 861 пешак е сериозно повреден.
Една од причините зошто пешаците толку многу страдаат во сообраќајот, покрај грешките на возачите и несоодветната сообраќајна инфраструктура, секако е непочитување на сообраќајните правила и прописи од нивна страна. За жал, секојдневно можеме да видиме пешаци како поминуваат улица надвор од пешачки премин, на црвен пешачки семафор, како се движат помеѓу две коловозни ленти, помеѓу возила во движење, но и пешаци кои воопшто не ги следат случувањата во сообраќајот поради мобилниот телефон или слушањето музика. Непотребно и долго задржување на коловозот е редовна појава, особено од страна на повозрасните пешаци.
Пешаците се најмасовна и најранлива група учесници во сообраќајот, а истовремено и најмалку контролирана и најмалку санкционирана. Искуствата и анализите покажуваат дека кај пешаците, недостасува чувство за нивното активно учество во сообраќајот и недостасува одговорност дека и за нив важат сообраќајните правила и прописи, како и за сите други учесници во сообраќајот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.