Три истражни постапки води Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција за осомничениот Бојан Јовановски, објави Пресс24 , повикувајки се на извори во обвинителството.

Првата истрага се однесува на веќе познатиот случај Рекет, односно на изнуда и влијание за случајот Империја на бизнисменот Орце Камчев. Во овој случај заедно со Јовановски осомничена е и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.

Втората истрага на обвинителството се однесува на организацијата Меѓународен Сојуз. Во овој случај обвинителите ги проверуваат наводите за сомнителни трансакции, притисоци кон локални власти и други сомнителни активности под маската на наводна изградба на старски домови. За овој случај на распит веќе беа повикани и двајца политичари.

Третата истрага се однесува на случајот кој го обелодени бизнисменот Зоран Азманов, но и други бизнисмени за кои постојат сомневања дека биле предмет на економски рекет.

Улогата на Јовановски е заеднички именител за сите истраги. Во делата се менуваат осомничените соработници.

Јовановски повеќе од 2 месеци е во притвор за случајот со бизнисменот Орце Камчев. Денеска прв пат по приведувањето беше изведен на распит, но не даде исказ пред Русковска со образложение дека не извршил увид во доказите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.