Осум лица се осомничени дека барале и вршеле археолошки ископувања на артефакти и потоа ги продавале во странство, соопшти Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција откако утрово од МВР излегоа информации дека се спроведува ваква акција.
Обвинителството отвори истрага и од слобода се лишени сите осомничени. Во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка, а за шестмина од нив се бара и притвор.
Според ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, осомничените барале и копале артефакти повеќе од една година на територијата на цела држава. Двајцата првоосомничени, според Обвинителството, ја создале групата и потоа поединечно и заедно работеле на откривање и продажба на добра кои се под привремена заштита, се сметаат за културно наследство и природни реткости.
„Употребувајќи сонди и метал детектори без дозвола од надлежен орган испитувале локалитети низ целата територија на државата. Како ориентација користеле сателитски снимки, карти и рачно напишани текстови и преданија, а потоа со употреба на хилти, копачи, и други градежни алатки и градежна механизација правеле археолошки ископувања и минеролошко петрографски истражувања. Откриените артефакти – добра под привремена заштита иако знаеле дека потекнуваат од извршено кривично дело, ги присвојувале и ги прикривале на непознати безбедни локации или во своите домови“,
објаснуваат од Обвинителството.
Потоа, осомничените контактирале со други, засега непознати припадници на групата од Грција, Турција, Албанија, Хрватска, Србија и САД, на кои им ги продавале артефактите.
Купувачите ги изнесувале добрата од државата и со тоа, наведува обвинителството, трајно е оштетено археолошкото, историското, музејското и уметничкото истражување на надлежните државни и научни институции и нанеле непроценлива штета на државата.
Информациите на обвинителството се дека тие оперирале и на регистрирани и на нерегистрирани локалитети низ цела држава, меѓу кои: Вртекица, Сливица, Герман, Белица, Горна Јаболчица – кичевско, Долно Јаболчиште – велешко, Мочурлива вода, Чатал камен, Туњ, Чиндиро Кале, Медов Дол, Градиште – Црно Езеро, Ломница, Ченгово Кале, Бајрамова Круша, Ивањевци, Болдовенци, Журче-крушевско, Ловор, Лопатица и на други локации.
Во објавеното соопштение од Обвинителството се наведува дека при денешното приведување направен е и претрес во домовите на припадниците на групата и се пронајдени дел од предметите кои се под привремена заштита односно културно наследство со непроценлива вредност, како и природни реткости и други скапоцени предмети.
ОЈО за гонење организиран криминал и корупција им става на товар повеќе кривични дела. Покрај злосторничко здружување, ги сомничи и за делата: присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости; изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости; и прикривање.
„Карактеристично за овие групи освен што недозволено користат метал детектори, сонди и други погодни алатки за скенирање на длабочина на територијата која е цел на ископ, со себе недозволено држат и оружје, па така, дел од обвинетите сториле и кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“,
додаваат од Обвинителството.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.