Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе решение за отфрлање на кривичната пријава против три физички и две правни лица за тешки дела против здравјето на луѓето од член 217 став 2 во врска со член 207 став 1 од Кривичниот законик, а во врска со смртта на лицето Булент Ибрахим.
Кривичната пријава од семејството на починатиот, како што соопшти ЈО, се однесувала на лекарска интервенција извршена врз Ибрахим на 18.02.2019 година, која ја извршил еден од пријавените лекари во изнајмена операциона сала во сопственост на второпријавениот, а со асистенција на третата пријавена.
Според семејството, пријавените очигледно неподобно средство и начин на лекување, како и несоодветни хигиенски мерки со што предизвикале влошување на здравствената состојба на пациентот, кој по оперативниот зафат добил висока температура и сепса. Првопријавениот лекар кој ја извршил интервенцијата, наместо да го упати пациентот на лекување во специјализирана здравствена установа, доаѓал во домот на оштетениот и му давал инфузија. Кога на 21.02.2019 година констатирал дека терапијата што ја препорачал не дава никаков ефект и дека пациентот е во критична состојба, пријавениот со сопствено возило го однел оштетениот во ГОБ „8-ми Септември“, каде и покрај обидите на лекарите да го спасат неговиот живот, тој починал, се наведува во соопштението на ЈО.
По приемот на пријавата, Основното јавно обвинителство Скопје го споило овој предмет со предметот кој веќе бил оформен врз основа на допис од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за спроведен здравствен надзор врз здравствените установи каде била извршена интервенцијата врз пациентот.
Постапувајќи во рамките на своите надлежности, ЈО соопшти дека јавниот обвинител ја обезбедил целокупната медицинска документација за третманот на починатото лице и ја проследи до Лекарската комора и до Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија од кои побара да изготват стручно мислење по однос на постапувањето на докторите во конкретниот случај.
Лекарската комора со допис го известила Обвинителството дека по спроведен стручен надзор едногласно констатирала дека лекувањето на лицето Булент Ибрахим, условите и начинот на лекување, односно на укажување здравствена заштита билe спроведени без стручни пропусти, согласно упатствата на медицината базирана на докази.
Институтот за судска медицина постапувајќи по наредбата од Основното јавно обвинителство Скопје со допис одговори дека со оглед на тоа што не е извршена ниту судско-медицинска ниту патолошка обдукција врз починатото лице, не може да се утврди причината за смртта на Ибрахим, односно причинско-последичната врска меѓу извршената интервенција и смртта на пациентот. Јавниот обвинител се интересираше за можноста да се изврши ексхумација на телото на починатиот, при што доби одговор дека таква обдукција не би била од корист во смисла на доказна вредност, бидејќи органите и ткивата веќе би биле трулежно променети, соопшти ЈО.
Од ЈО информираат дека подносителите на пријавата во текот на постапката приложија и приватно вештачење изготвено од лекар – судски вештак од областа на хирургија и трауматологија, кој извршил вештачење врз медицинската документација која му била доставена од семејството и констатирал причинско-последична поврзаност меѓу извршениот оперативен зафат и смртта на пациентот. Јавниот обвинител го повикал на распит вештото лице, а при неговото испитување, заради професионална помош од областа на судската медицина, ангажираше и двајца технички советници од Институтот за судска медицина. Во текот на распитот вештакот навел дека е тешко да се утврди постоење на сепса и таа да се поврза со смртта на пациентот без притоа да биде направена обдукција и во целост се согласи со техничките советници дека е потребно да постои обдукционен протокол, односно дека во конкретниот случај отсуствуваат релевантни докази. Тој се изјаснил дека во конкретниот случај сепсата била една од можностите за настапување на смртта, но не и единствена можност и дека отсуствуваат битни докази за да се утврди причинско-последичната врска.
Првопријавениот лекар, кој го извршил оперативниот зафат, пред јавниот обвинител го негирал сторувањето на кривичното дело и потенцираше дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Лекарската комора и формираната стручна комисија во Министерството за здравство не констатирале пропусти во однос на неговото постапување како доктор.
Како што соопшти ЈО, за постоење на кривичното дело тешки дела против здравјето на луѓето од член 217 став 2 во врска со член 207 став 1 од Кривичниот законик потребно е да се утврди значително отстапување од правилата на медицинската наука и струка што како последица придонело за влошување на здравствената состојба на пациентот. Делото е конструирано како деликт на повреда, што значи дека не се инкриминирани лекарски грешки што остануваат во границите на дозволениот ризик, односно немаат таква последица.
Врз основа на утврдените факти и прибраните докази во предметот, со оглед на тоа што причинско-последичната врска во конкретниот случај беше невозможно да се утврди, Основното јавно обвинителство Скопје донесе Решение за отфрлање на кривичната пријава против трите пријавени физички лица. Против двете правни лица, пак, кривичната пријава е отфрлена, бидејќи законските одредби од цитираните членови не предвидуваат кривична одговорност за правни лица. Решението за отфрлање на кривичната пријава е доставено до подносителите на пријавата, кои согласно член 288 став 2 од Законот за кривична постапка имаат право на жалба до Вишото јавно обвинителство Скопје во рок од 8 дена по приемот, соопшти ЈО
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.