Општина Велес упати јавен повик до граѓаните да се вклучат во гаснење на пожарот кој избувна кај езерото Младост и кој опустоши огромна површина. Сите граѓани што сакаат доброволно да помогнат при гаснењето на пожарите може да се пријават на дежурниот телефон на ТППЕ: 193

Ве молиме, во оваа тешка ситуација, во која сите граѓани на Велес се соочени со губење драгоцени природни ресурси на езерото Младост, да помогнеме со поттик и пораки до сите што се стручни да обезбедат помош. Територијалната противпожарна единица почна акција веднаш по избувнувањето на пожарот и во моментот се користат сите расположливи средства за локализирање на пожарот. Градоначалникот Аце Коцевски е на самото место со стручните служби. Во акцијата се вклучи и АРМ со хеликоптери. Во гаснењето се вклучени и авиони ‘канадери’. Ве молиме, со вашите пораки и поддршка, заеднички да помогнеме да се надмине оваа кризна ситуација“, се вели во апелот на Oпштина Велес.

Се уште е активен шумскиот пожар што избувна денеска над велешкото езеро „Младост“ и во моментов се шири кон селото Новачани.

Како што информираат од ТППЕ Велес, поради силниот ветер пожарот се раширил во два правца, кон велешкото езеро и кон селото Отовица, каде во опасност биле првите куќи, односно оние што се блиску до железничката пруга. Постои опасност, поради ветрот огнената стихија да се прошири и кон автопатот Скопје – Велес.

Во пожарот досега не се зафатени хотелите и куќите од викенд населбата, нема жртви ниту повредени.

Со пожарот е зафатена борова шума, а во неговото гаснење се вклучени екипите на Територијалната противпожарна единица Велес, на кои им помагаат и пожарникарите од Кавадарци, Штип и Свети Николе.

Со два авиона од воздух во гаснењето на огнената стихија е вклучена и Дирекцијата за заштита и спасување, активирана е и подрачната единица на Општина Велес и останатите надлежни институции, како Армијата со еден хеликоптер, и полицијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.