Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Сектор за криминалистички истраги, Национална единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, во содејство со Одделот за специјални и посебни операции, СВР Струмица и Регионалните центри за гранични работи „Југ“ и „Исток“, во координација со јавен обвинител од ОЈО за Гонење на организиран криминал и корупција, беше спроведена координирана полициска операција со цел расчистување на кривични дела кои се однесуваат на организирање на група за вршење на кривични дела криумчарење мигранти, соопшти на денешната прес конференција портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

Криминалистичката истрага над организираната 12-члена криминална група, која подолг временски период делуваше на нашата тeриторија, се спроведуваше во изминатите десетина месеци, од страна на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, во периодот од декември 2019 година досега. Организаторите на криминалната група М.С., неговиот син С.С. од Богданци, А. А. од Скопје и А.М. од с.Лојане-општина Липково, во соработка со лица од Р.Грција, организирале криминална група со која во временски период од декември 2019 година досега, организирале криумчарење на околу 100-тина илегални мигранти, при што се стекнале со значителна противправна имотна корист. Најголем број од мигрантите биле по потекло од Aвганистан, Пакистан, Сирија, Иран, Египет и други земји од Блискиот и Средниот Исток, кои претходно престојувале на територија на Р.Грција, информира Ангеловски.

Врз основа на претходен договор помеѓу организаторите на криминалната група, мигрантите на македонска територија од Грција преку илегални премини на т.н. „зелена граница“ во околината на Гевгелија и Дојран, од каде потоа со помош на водичи т.н. „качаци“, биле доведувани на претходно утврдени и договорени локации, по што членовите на организираната криминална група ги прифаќале и со возила ги превезувале до одредени локации во Кумановско-липковскиот регион. Организаторот на криминалната група од Кумановско-Липковскиот регион, го организирал нивното прифаќање и времено сместување во објекти на членови, криминални соработници и помагачи на криминалната група, а кога ќе се створеле услови, мигрантите биле прокриумчарени преку границата со Србија, а оттаму кон државите од Европската унија. Цената на транспорт по лице изнесува од 500 до 700 евра.

Извршени се претреси во вкупно 10 објекти лоцирани на подрачје на Гевгелија, Скопје, Штип и Куманово, а лишени од слобода беа 10 лица, додека еден веќе издржува мерка притвор, за претходно сторено кривично дело „криумчарење мигранти“, соопшти Ангеловски.

ОСОСК до ОЈО за ГОКК, поднесе кривична пријава против 12 лица и тоа против М.С. (49)од Богданци, неговиот син С. С. (23) од Богданци, А.А. (42) од Скопје и А.М. (47) од с.Лојане општина Липково, за сторени кривични дела: „Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ по член 418-в став 1 и „Криумчарење на мигранти“ по член 418-б став 3 вв став 2 и став 4 од КЗ, потоа Б.Ј. (22), М.М. (21) иД.С. (29), тројцата од Богданци, за кривични дела „Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ по член 418-в став 2 и „Криумчарење на мигранти“ по член 418-б став 3 вв став 2 и став 4, потоа Т.К.Ц. (53) од Штип, за „Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ по член 418-в став 2 и „Криумчарење на мигранти“ по член 418-б став 2, Ј.К. (23) од Богданци и Т.М. (36) од Валандово, за „Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ по член 418-в став 2 и „Криумчарење на мигранти“ по член 418-б вв „помагање“ по чл.24, Д.Љ. (39) од Скопје, за „Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ по член 418-в став 2 и „Криумчарење на мигранти“ по член 418-б став 3 вв став 2 и став 4 и Ф.А. (26) од Скопје за „Организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ предвидено и казниво по член 418-в став 2 вв ст.2 и „Криумчарење на мигранти“ по член 418-б став 3 и од КЗ.

Министерството за внатрешни работи и во наредниот период продолжува со интензивни мерки и активности со цел сузбивање на криумчарењето на мигранти, како и на сите други видови криминал, додаде Ангелковски.

Постапувајќи по кривичната пријава, надлежен јавен обвинител издаде наредба за спроведување на истражна постапка против 12 лица, од кои шест лица од Богданци, три од Скопје и по едно лице од Штип, Валандово и селото Лојане, под сомнеж дека сториле кривични дела „организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ и „криумчарење на мигранти“, соопшти Јавното обвинителство.

Со цел расчистување на кривични дела што се однесуваат на организирање на група за криумчарење мигранти, во изминатите 10 месеци се спроведуваше криминалистичката истрага над поголема организирана криминална група. Како резултат на добиените сознанија, денеска во координација со надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Сектор за криминалистички истраги, Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе во соработка со Одделот за специјални и посебни операции, СВР Струмица и Регионалните центри за гранични работи „Југ“ и „Исток“ спроведоа координирана полициска операција. Операцијата е продолжение на полициската операција „Реприза“ што беше спроведена на 6 овој месец, соопштуваат од ЈО.

Посочуваат дека се извршени претреси на 10 објекти лоцирани на подрачје на Гевгелија, Скопје, Штип и Куманово и притоа се лишени од слобода 10 лица, едно лице е недостапно на органите на прогонот, додека едно веќе издржува мерка притвор за претходно сторено кривично дело „криумчарење мигранти“.

Ценејќи дека се исполнети условите, надлежниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје ќе достави предлог за определување на мерката притвор против сите осомничени лица.​



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.