Основното јавно обвинителство Тетово во текот на вчерашниот ден оформи предмет за млaденците од Тетово по допрен глас со цел да се проверат наводите во објава на социјалните мрежи за евентуално сторено кривично дело, објави „Слободен печат“.

Младоженецот и невестата од Тетово кои организираа свадба иако на ковид тестовите што ги купиле во аптека и ги направиле дома биле позитивни можно е да одговараат за кривично дело пренесување заразна болест од член 205 или непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 од Кривичниот законик.

Надлежен јавен обвинител, кко што пишува весникот, веднаш издал наредба со која од СВР Тетово побара да оформи тим за испитување на сите околности на настанот, да прибави докази и други податоци и да ги пронајде и да го утврди идентитетот на евентуалните сторители на наведените кривични дела.

Преку СВР Тетово упатено е барање до Ковид центарот во Тетово за достава на податоци поврзани со настанот, а за утврдување на фактите во предметот ќе бидат побарани податоци и од Министерството за здравство и од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.