Во врска со пожарот кој избувна завчера на територијата на општина Велес, Основното јавно обвинителство Велес отвори истрага против сопственикот на градежна фирма и против четворицата работници ангажирани од фирмата.

Како што соопштија од Обвинителството, по скратена постапка кривично ќе се гони и градежната компанија која ги ангажирала осомничените.

Според првичните сознанија, пожарот настанал од искри од апарат за брусење од кои се запалила околната тревна површина, а пожарот потоа неконтролирано се проширил и добил големи размери, па била опожарена и поголема шумска површина.

Основното јавно обвинителство Велес иницираше постапка за кривично дело – Тешки дела против општата сигурност од член 292 од Кривичниот законик во врска со член 288 (Предизвикување општа опасност).

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Велес достави Предлог за определување мерка притвор за одговорното лице и за работникот кој работел со апаратот за брусење во критичниот момент. За останатите двајца осомничени се предложени мерки на претпазливост.

Пожарот избувна завчера во 11.30 часот и по 11 часа дивеење на огнената стихија од која постоеше опасност да се зафатат и околните населби, изгоре површина од 400 хектари од кои половината со борова шума и 200 хектари под сува трева.

Според ЈП Македонски шуми, вкупно се опожарени 400 хектари површина, од нив изгорена е педесетгодишна црноборова шума на 200 хектари и исто толку трева.

Според информацијата од Територијалната противпожарна единица Велес, во пожарт изгорела една свињарска фарма и една викендичка. Огнот се приближил до населбата Отовица кај велешкото езеро „Младост“ но биле ископани ровови и поставена земја со што било спречено огнената стихија да се прошири кон куќите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.