Денешното рочиште за убиството на Никола Саздовски, 20-годишниот навивач од навивачката група „Комити“, е повторно одложено по барање на адвокатите Ванчо Шехтански, Асмир Алиспахиќ и Насер Рауфи. Овој пат од причина што бранителите немале доволно време да ги разгледаат списите од кривичниот предмет и дополнителното судско-медицинско вештачење бидејќи истите биле доставени од судот вчера.

Поради краткиот временски период од доставување на списите до терминот на денешната расправа, судот направи обид вештачењето и списите да бидат пратени до странките, но истите изјавија дека поради други тековни судења не се во можност да ја рагледаат документацијата“, рече судијката Даниела Алексовска.

Судијката исто така ги информираше странките дека од страна на МВР доставени се актите кои произлегуваат од извршената реконструкција на настанот на 7 февруари годинава.

Според обвинителниот акт, обвинетите Бесир Беља и Скендер Демири заедно со Ј. Љ. (19), кој е во бегство, на 29 јуни минатата година крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ на булеварот Александар Македонски во Автокоманда.

Од добиените повреди, Саздовски на 9 јули 2018 година почина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Двајцата од напаѓачите, Бесир Беља и Скендер Демири, се во притвор во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, а за третоосомничениот, кој сè уште е недостапен за органите на прогонот, е распишана домашна и меѓународна потерница.

Наредното рочиште е закажано за 14 март.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.