Плинска боца повторно е причина за пожар, овојпат во стан на бул „АСНОМ“ во Ново Лисиче, кој избувна утринава, а чадот го зафати и станот над него. Од запалениот стан пожарникарите извлекле петмина, меѓу кои една неподвижна жена и маж, кој од стресот не можел да оди па го симнувале во количка. Неподвижната жена со Итна помош е пренесена во болница. Пожарот е изгаснат, а предизвикана е само материјална штета.

Мажот варел кафе на плинска боца. Се потпалил чаршафот и од таму огнот се раширил насекаде. Во соседната соба беше неподвижната жена, живее на дијализа со приврзани апарати на неа. Ја извлековме, докторите ја прегледаа и утврдија дека ѝ треба доолнителна помош. И мажот се пожали дека не може да оди, од стресот рече дека не му функционираат нозете. Тој е подвижен, прво го изнесовме на терасата, а потоа го симнавме. Во станот имаше петмина, изјави за „Нова Македонија“ командантот на скопската противпожарна бригада, Владимир Симоновски.

Од чадот во паника биле и останатите станари на зградата. Симоновски вели дека и покрај препораките во случај на пожар да не се користи лифт, станарка од зградата тргнала да излегува и се заглавила во лифтот па пожарникарите и неа ја спасувале.

Пожарот го гаселе 18 пожарникари со пет возила, а пристигнале и две возила на Итна помош.

Повеќе фото и виде тука:



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.