Вишото јавно обвинителство Скопје го потврди решението за отфрлање на кривичната пријава за лекарска грешка во случајот со пациентот Булент Ибрахим.
Вишото јавно обвинителство Скопје донесе Решение со кое ја одби како неоснована жалбата на семејството на починатиот Булент Ибрахим и го потврди донесеното Решение на јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје за отфрлање на кривичната пријава против три физички и две правни лица за кривично дело – Тешки дела против здравјето на луѓето од член 217 став 2 во врска со член 207 став 1 од Кривичниот законик, соопшти Јавното обвинителство.
Кривичната пријава од семејството на починатиот се однесуваше на лекарска интервенција извршена врз Ибрахим на 18.02.2019 година, која ја извршил еден од пријавените лекари во изнајмена операциона сала во сопственост на вториот пријавен, а со асистенција на третата пријавена.
Според семејството, пријавените очигледно со неподобно средство и начин на лекување, како и несоодветни хигиенски мерки предизвикале влошување на здравствената состојба на пациентот, кој по оперативниот зафат добил висока температура и сепса. Првопријавениот лекар кој ја извршил интервенцијата, наместо да го упати пациентот на лекување во специјализирана здравствена установа, доаѓал во домот на оштетениот и му давал инфузија. Кога на 21.02.2019 година констатирал дека терапијата што ја препорачал не дава никаков ефект и дека пациентот е во критична состојба, пријавениот со сопствено возило го однел оштетениот во ГОБ „8-ми Септември“, каде и покрај обидите на лекарите да го спасат неговиот живот, тој починал, се наведува во соопштението од Обвинителството.
Врз основа на утврдените факти и прибраните докази во предметот, со оглед на тоа што причинско-последичната врска во конкретниот случај беше невозможно да се утврди заради неизвршена обдукција, Основното јавно обвинителство Скопје донесе Решение за отфрлање на кривичната пријава против трите пријавени физички лица. Против двете правни лица, пак, кривичната пријава е отфрлена, бидејќи законските одредби од цитираните членови не предвидуваат кривична одговорност за правни лица.
На вака донесеното решение, семејството на починатиот вложи жалба до Вишото јавно обвинителство Скопје, кое изврши увид во списите во предметот и констатираше дека Основното јавно обвинителство Скопје во целост ги прибавило релевантните докази потребни за утврдување на правилната фактичка состојба и на постоење на евентуално инкриминирани дејствија кај пријавените.
Сите наводи во жалбата дека јавниот обвинител погрешно ја утврдил фактичката состојба во предметот се неосновани, утврди Вишото јавно обвинителство Скопје.
Заради проверка на наводите во пријавата јавниот обвинител ги презел сите потребни дејствија, меѓу кои од Лекарската комора на Македонија побарал стручен надзор за оценка на условите и начинот на лекување и извршената интервенција врз сега починатиот, а на исти околности бил извршен и вонреден надзор од Комисијата за вршење стручен надзор формирана од Министерството за здравство. Од содржината на залучоците во двата наода, како и од испитувањето на вешто лице и на техничките советници од Институтот за судсска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, во целост е даден одговор на наводите во кривичната пријава и во поднесената жалба. Од приложениот дополнителен вешт наод и мислење од вештото лице не можат да се утврдат нови факти ниту произлегуваат нови докази во однос на пријавените кривични дела, констатира Вишото јавно обвинителство Скопје, се додава во соопштението.
Од овие причини вишиот обвинител оцени дека одлуката на Основното јавно обвинителство Скопје е правилна и законита и ја одби поднесената жалба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.