Обвинителството засега чека МВР и УФП да постапат за набавката на софтвер за детектирање и казнување на сообраќајни прекршоци кој го набавил поранешниот Генерален секретар на Владата Драги Рашковски. Во меѓувреме, Антикорупциска чека одговори од инстутуциите за веќе отворениот предмет.
Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција досега не отвори предистражна постапка за спорната набавка на софтвер за „определување на просечна брзина на возила во сообраќај и изрекување на казни“ која ја спровел поранешниот генерален секретар Драги Рашковски, а бил наменет за МВР. Обвинителството топката за отворање на преистражна постапка ја префрла во Министерството за внатрешни работи и Финансиската полиција. Станува збор за софтвер кој Генералниот секретаријат на Владата го набавил пред 8 месеци од фирмата „Инвока Гроуп“ кој ниту е инкорпориран во системите на МВР, ниту МВР има план да го користи.
Во писмениот одговор од Обвинителството за РСЕ е наведено дека со интерес ги следат случувањата и информациите во врска со набавката. Во продолжение велат дека нивната задача според законот е да гонат сторители на кривични дела.
Но, доколку институциите во чиј делокруг на работа е откривање на кривични дела и нивни сторители, не постапат согласно нивните надлежности, тогаш обвинителството ќе постапи согласно член 41 став 2 од Законот за кривична постапка, односно јавниот обвинител сам ќе го преземе секое дејствие потребно за откривање на кривичното дело и откривање и гонење на неговиот сторител за кое со закон е овластено Министерството за внатрешни работи и Финансиската полиција, се вели во одговорот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.