Советот на јавни обвинители нема да преземе никакви дејствија против обвинителката Снежана Бундалевска Ѓорѓиевска, која го водеше случајот со сообраќајката кај „Млечен“ во Капиштец, во кој возачот што усмрти двајца доби условна казна. Оштетената Наташа Димитриевска, чии сопруг и неродено дете загинаа, а и таа се здоби со тешки повреди, утринава го објави на социјалните мрежи одговорот на нејзината претставка до Советот за јавни обвинители, и напиша:
„Пак сум на операција на ногата, а денес добив одговор од Совет на ЈО дека ЈО Снежана Бундалевска Ѓорѓиевска постапувала правилно и по закон. Е па пријатели официјално кажувам немаме правна држава и сите тие се штитат меѓу себе“.
Според одговорот на претставката, Советот на јавни обвинители побарал мислење од Вишото јавно обвинителство Скопје, кое утврдило дека обвинителката од Основното јавно обвинителство Скопје постапила правилно и согласно законските прописи, а по добиеното такво мислење Советот донел одлука дека нема место за преземање дејствија.
„Стручниот колегиум на ВЈО Скопје утврдил дека по конкретниот кривичен предмет е постапувано правилно и согласно законските прописи и во конкретниот случај јавнообвинителските одлуки се носени откако се прибавени сите докази, информации и известувања кои јавниот обвинител сметал дека се потребни за правилно и законито одлучување, односно за донесување на мериторна јавнообвинителска одлука“, велат од Советот на јавни обвинители, пренесува “СДК“
Сообраќајката кај „Млечен“ се случи на 12 октомври 2018 година, кога условно осудениот Васил Чорбаџиев со својот автомобил сврте лево на улицата „Теодосиј Гологанов“ на место каде што има знак „ЗАБРАНЕТО ВРТЕЊЕ ЛЕВО“ и удри во моторот на кој беа тогаш бремената Димитриевска и нејзиниот 32-годишен сопруг.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.