По сеопфатна истражна постапка, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска, до Основниот кривичен суд во Скопје достави обвинителен акт против едно лице. Обвинетиот се товари дека како службено лице, судија во Управниот суд, преземајќи дејствија што не смеел да ги преземе, како и непреземајќи дејствија што бил должен да ги преземе, сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Обвинетиот до неговиот избор за судијa кон крајот на 2007 година, работејќи како адвокат преземал дејствија и ги застапувал правните интереси на две физички лица, негови роднини, во оставинска постапка за градежно неизградено земјиште во Струга, со површина од 1.958.49 м2. Воедно, иако на нивниот правен претходник, по спроведена постапка за експропријација на земјиштето, со спогодба му бил определен и исплатен надомест за земјиштето што било предмет на оставинската постапка, тој повел постапка и пред Комисијата за одлучување по барањата за денационализација, соопшти денеска ОЈО.

Во меѓувреме, се појаснува во соопштението, обвинетиот бил избран за судија во Управниот суд каде била поднесена тужба по основ на молчење на администрацијата против Комисијата за одлучување по барањата за денационализација во врска со предметот за денационализација, а по кој обвинетиот постапувал претходно како адвокат.

Управниот суд оформил предмет кој бил доделен во работа на обвинетиот. Во временскиот период од 10.09.2018 година до 24.01.2019 година, обвинетиот, како службено лице судија, постапувајќи спротивно на законските одредби го земал преметот во работа, иако знаел дека како поранешен застапник – адвокат на тужителите не смее да постапува и е должен да се изземе од постапувањето по однос на тужбата, но тој не ја прекинал работата врз предметот и не го известил претседателот на Управниот суд за околностите. Притоа, иако поднесената тужба била неуредна, обвинетиот не го повикал тужителот да ги отстрани недостатоците, ниту ја отфрлил тужбата, туку продолжил да постапува по неа.

Преземајќи дејствија во предметот оневозможил Државното правобранителство, како заинтересирано лице, да се вклучи во управниот спор и да преземе мерки и правни средства за правна заштита на имотните права и интереси на државата, се подвлекува во соопштението.

Откако добил одговор само од претседателот на Комисијата за одлучување по барањата за денационализација, обвинетиот како претседател на совет – судија писмено го известил полномошникот на тужителите барајќи да се произнесат по повод решението, на што полномошникот на тужителите до Управниот суд доставил поднесок со кој ја проширува тужбата и кон решението на Комисијата и бара Управниот суд да донесе одлука во корист на тужителите.

Обвинетиот, како Претседател на совет – судија, иако бил должен, вака уредената тужба да ја достави на одговор до надлежното Државно правобранителство за подрачје Струга, не ја доставил, туку, во рок од три дена донел пресуда, се посочува во соопштението.

Злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување, спротивно на законските одредби предметниот недвижен имот – крајбрежен појас – плажа во Струга, стои во соопштението, со пресуда го вратил во приватна сопственост на барателите иако земјиштето претставува јавно добро и не смеело да биде вратено во приватна сопственост, дотолку повеќе што за него веќе бил утврден и исплатен надомест на правниот претходник на тужителите уште во 1987 година. Во исто време, за недвижен имот со површина од 171 м2 крајбрежен појас што не смее да биде вратен во приватна сопственост, определил надомест во износ од 119.700,00 денари во вид на обврзници за денационализација.

Свесно и со намера да оневозможи заштита на имотните права и интереси на државата, обвинетиот не доставил примерок од Пресудата до надлежното Државно правобранителство, подрачје Струга, заради право на жалба, се вели во соопштението.

Како последица на тоа надлежното Државно правобранителство на подрачје на Струга не поднело жалба, а обвинетиот со својот потпис овозможил пресудата да стане правосилна и врз основа на неа барателите да се впишат како сопственици на вратената недвижност во јавните книги на недвижности во Агенцијата за катастар на недвижности. Само по десетина дена тие склучиле договор за купопродажба на предметниот имот со познаник на обвинетиот. Со ваквите дејствија обвинетиот злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување ги оштетил имотот и интересите на Македонија и нанел штета на Буџетот во значителен износ од 12.164.413,00 денари.

Спорниот имот од моментот на започнување на истражната постапка е обезбеден со Решение на Основниот суд во Струга со кое е изречена привремена мерка – забрана за отуѓување.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.