Обвинителен акт за учество во странска војска, паравоени или параполициски формации против седум македонски државјани, поднесе Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по спроведена истражна постапка.

Обвинетите како странски терористички борци активно учествувале во војните во Сирија и Ирак. Со намера да станат учесници во паравоените формации ја напуштале територијата на Република Македонија и заминувале за Сирија каде се обучувале и учествувале како борци на ИСИС. Освен што учествувале во паравоените формации надвор од Република Македонија, обвинетите обезбедувале, собирале финансиски и материјални средства за лица кои учествуваат во овие формации, користејќи ги социјалните мрежи и друг вид комуникација повикувале, врбувале и поттикнувале други лица да учествуваат во паравоени формации надвор од Република Македонија. Обвинетиот на кој му се ставаат на товар две кривични дела – Учество во странска војска, паравоени или параполициски формации и Терористичка организација бил припадник и на терористичката организација „Исламска држава“, се наведува во соопштението од ЈОРМ.

На лицата им се става на товар дека сториле кривично дело – Учество во странска војска, паравоени или параполициски формации, предвидено и казниво по член 322-а став 3, а едно лице се терети и за сторено кривично дело Терористичка организација по член 394-а став 2 од Кривичниот законик.

Петмина од обвинетите се дел од истражни постапки во рамките на претходни акции познати во јавноста како Ќелија 1 (август 2015) и Ќелија 2 (јули 2016), но беа недостапни на органите на прогонот и за нив беа активни национални и меѓународни потерници. Во август годинава обвинетите се предадени на македонските органи на прогонот откако беа лишени од слобода во соработка со партнерите од Глобалната коалиција за борба против тероризмот и Сириските Демократски Сили. Ценејќи дека сѐ уште постојат законските основи поради кои на обвинетите им беше определена мерка притвор, надлежниот јавен обвинител заедно со Обвинителниот акт достави и предлог за продолжување на притворот за обвинетите, информираат од ЈОРМ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.