Јавен обвинител од ОЈО-Радовиш заедно со кримтехничар од Министерството за внатрешни работи и инспектори за труд и безбедност при работа вчера извршија увид во рудникот „Бичим“ во Радовиш каде две лица при работи ги загубија животите, а уште едно лице е со телесни повреди.

Како што инфомираат од Обвинителството, според првичните сознанија, до несреќата дошло при чистење на два силоси, високи по 25 метри, со дијаметар од 17 метри, во кој се складира руда. Починатите, жители на Радовиш, членови на алпинистичкото друштво „Плоча“, на возраст од 20 и 45 години, биле ангажирани со договор помеѓу две правни лица за специфична услуга за чистење на силосите полни со руда.

Во текот на увидот, по дадени насоки и наредби од обвинителството, извршено е фотографирање на самото место на настанот. Обезбедени се затекнатите траги и предмети. Идентификувани се и извршен е разговор со лицата присутни на местото на настанот. Обвинителството издаде наредби за обезбедување на техничката документација за силосите, целокупната документација за ангажманот на алпинистичкиот клуб „Плоча“, правилниците за работа на работната единица Флотација. Издадена е и наредба за вршење на обдукција на телата на починатите, инфомираат од ОЈО-Радовиш.

Забрането е работењето на тој дел од рудникот и ќе биде обезбедуван од полициски службеници, за вршењето на увидот да продолжи и во текот на утрешниот ден заедно со присуство на техничка инспекција со рударски инженери.

Основното јавно обвинителство Радовиш информира дека се преземени и други дејствија за откривање на причините за несреќата.​



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.