Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да продолжи судењето за аферата со прислушувањето, познат во јавноста како „Таргет-Тврдина“.

На денешното рочиште, како што е најавено, треба да бидат сослушани околу 20 сведоци, меѓу кои Мери Јордановска Чанчаревиќ, Игор Ивановски, Гоце Трпковски, Зоре Темелковски, Владимир Пивоваров и други.

На претходното рочиште свои искази дадоа повеќе сведоци, меѓу кои политичари и новинари кои зборуваа за тоа како и кога дознале дека биле цел на прислушување.

Обвинети во овој предмет се поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и неколку вработени во поранешното УБК кои се товарат за нелегално прислушување на над четири илјади телефонски броеви во периодот меѓу 2008 и 2015 година.

Судскиот процес го води судијата Џенета Бегтовиќ, додека обвинението е застапено од обвнителската тројка Трајче Пеливанов, Ленче Ристовска и Артан Ајро.

Судењето по предметот „Таргет-тврдина“ е започнато на 22 декември 2017 година и се наоѓа во фаза на доказна постапка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.