Магистралниот патен правец Охрид – Кичево каде веќе пет години се изведуваат градежни работи за изградба на современ автопат, наместа е релативно слабо одбележан и обезбеден што влијае на порастот на бројот сообраќајни незгоди.

Минатата година на тој патен правец се случени регистрирани 69 сообраќајни незгоди со 33 тешко повредени лица и две жртви. Само во првите нецели три месеци од оваа година се случени 15 сообраќајни незгоди со десет тешко повредени лица и една жртва.

Со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот, Полициската станица за безбедност во сообраќајот Охрид, од почетокот на годинава извршила вкупно 174 зајакнати акциски контроли кон сите учесници во сообраќајот. Притоа десет возачи биле затекнати како управуваат моторни возила под дејство на алкохол, а 58 ја пречекориле дозволената брзина на движење. Истовремено 44 автобуси биле испратени на вонреден технички преглед при што кај еден автобус, се констатирани неисправни уреди за сопирање.

Сите прекршители се соодветно санкционирани, некои дури и исклучени од сообраќај.

Според полицискиот билтен, најчести причини за сообраќајните незгоди и понатаму остануваат непридржување кон пропишаната брзина на движење, неприлагодена брзината на движење спрема условите на патот, управување моторно возило под дејство на алкохол, зборување на мобилен телефон во тек на управување моторно возило.

Од СВР – Охрид постојано и сега со апели до учесниците во сообраќајот на крајна внимателност при управувањето со моторните возила и почитување на поставената хоризонтална и вертикална сигнализација.

Последната потешка несреќа се случи завчера вечерта, кога при директен судар на две возила кај селото Арбиново загина 52-годишен кичевчанец.

Изградбата на 57-километарската автопатска делница Охрид – Кичево почна во февруари 2014 година. Поради недоследности во проектот за три и пол години беше пролонгиран првиот рок за негова реализација, со втор рок за предавање во употреба предвиден за 30 јуни оваа година. Состојбата на терен е далеку од предвидувањата, бидејќи на патниот правец Охрид – Кичево сè уште нема ниту еден километар автопатски уреден сообраќај.

Според последните најави од Јавното претпријатие за државни патишта до крајот на оваа година се предвидува да биде пуштена во употреба третата подделница на патот во должина од 11,5 километри, од тунелот кај Пресека до село Песочан



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.