Ленче Ристоска, обвинителката која што го води случајот „Таргет -тврдина“, на денешното рочиште побара од судот новинарите да не изнесуваат детали од сведочењата во случајот за масовното прислушување.
Таа повикувајќи се на одредбите за испитување сведоци од ЗКП, каде што се предвидува со одлука на судот отстранување на едниот сведок додека другиот дава исказ, бидејќи досегашната пракса покажала оти во медиумите се изнесуваат детали од сведочењата кои се во спротивност од законот, побара од Судот да ги информира претставниците на медиумите за ваквата поставеност на кривичната постапка за да се избегнат ситуации каде со исказите на сослушани сведоците, пренесени преку медиумите, се влијае врз оние кои не се сослушани.
Обвинителката појасни дека не сака да се сфати дека сака да влијае на уредувачката политика на медиумот.
Судијата Џенета Бектовиќ рече дека законските одредби се јасни и предвидуваат јавно и транспарентно присуство на јавноста или целосно исклучување на јавноста.
Вака поставеното барање на ЈО е нејасно и неразбирливо особено што се наметнува на Судот да влијае врз медиумите што е спротивно на начелото за транспарентност на постапката. Секој од сведоците е предупреден за лажно сведочење – истакна Бектовиќ по консултација со судијата Владимир Туфегчиќ и поротниците.
Денешното рочиште почна со вкрстено испрашување на сведокот Марјан Јанкуловски. Прашања врз основа на сведочењето поставуваше обвинетата Надица Николиќ, која од Јанкуловски, бараше потврда и согласност на одредени искази кои ги даде на минатото рочиште, меѓу кои и тоа околу надлежностите и пристапот до одредени таргети на обвинетата.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.