Откриени се пет лица кои вршеле превоз на патници по подшарпланинските села во Гостиварско без соодветни лиценци. Полицијата ги санкционирала и наскоро ќе се соочат со кривични пријави.

Од СВР Тетово информираа дека денеска во периодот од 10 до 13 часот, на регионалниот пат Гостивар-Градец, службеници на гостиварското Одделение за безбедност на патниот сообраќај, во координација со Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар, спровеле акциска контрола на возила кои вршат јавен превоз на патници.

При контролата откриени и законски санкционирани се вкупно пет возила, од кои четири комбиња и едно патничко возило, кои превезувале патници без потребните документи, односно лиценци. На нивните сопственици ќе им бидат изготвени кривични пријави согласно членот 284 А од Кривичниот законик, неведуваат од СВР Тетово.

Оттаму најавуваат дека контроли во делот на јавниот превоз ќе има и во наредниот период. Со нив се очекува да се откријат и отстранат од сообраќај возилата кои вршат јавен превоз без потребни документи, технички неисправни и случаи кога ги управуваат лица без соодветни возачки дозволи



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.