Големото количество опасни и експлозивни ствари лоцирани меѓу населените места Ново Село и Волково, скопско, што неколку години претставуваше едно од најголемите загадувачки жаришта и опасност за животната средина, безбедноста и за здравјето на граѓаните, е отстрането од територијата на нашата држава.
Како што соопшти денеска владиниот Сектор за односи со јавноста, за отстранување на неколкуте тони застарено ракетно гориво за градобијни рекети и друг експлозивен материјал, имот на поранешната компанија АД „Теас-Темко“, кои со години лежеа во стоваришен простор во населено место, првично биле побарани 850.000 евра.
Но, наместо трошок за граѓаните на нашата земја, Владата на Република Македонија организираше постапка за продажба и чистење на теренот, согласно процедурите за управување и транспортирање на опасни материи, без ниту денар надомест за компанијата што ја спроведе постапката, стои во соопштението.
Постапката за повик и избор на понуда за оваа акција, се посочува, ја спровел Генералниот секретаријат, постапувајќи согласно заклучокот на Владата донесен на 118-та владина седница, при што била прифатена понудата на компанијата „Трајал“ од Србија.
Во планирањето и спроведувањето на оваа постапка, Владата на Република Македонија, се подвлекува во соопштението, првенствено се раководела од грижата за здравјето на граѓаните и заштитата на животната средина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.