Речиси три часа денеска на автобуската постројка во Автокоманда траеше реконструкцијата на убиството на 20-годишниот Никола Саздовски во присуство на сведоците и вештите лица. Настанот се одвиваше под големо полициско обезбедување, а булеварот беше затворен три часа во еден правец и околу еден час и во двата правцa на движење.

Со статисти и кукла беше направена претстава за вистинскиот тек на настаните по кажување на сведоците и обвинетите Бесим Беља и Скендер Демири, а по она што можеше да се забележи од далечина од каде што беа поставени новинарските екипи и по однос на движењето на статистите се виде дека целиот настан се одвивал во близина на кутија на ЕВН до автобуската постојка на булеварот „Александар Македонски“.

Адвокатот на оштетените Ванчо Шехтански рече дека приказната на одбраната за некаква „фантомска“ метална кутија денеска паднала во вода.

Не постои метална кутија, таа е пластицифирана кутија и не може да предизвика никакви последици, меѓутоа и од исказите на сведоците јасно се виде, како и од исказот на вештакот дека последиците се од удари кои траеле од минута до минута ипол, истакна Шехтански.

Адвокатот уште еднаш нагласи дека исказите на обвинетите во судница и на реконструкцијата се контрадикторни, додека пак исказите на сведоците целосно се поклопиле со оние дадени во судницата.

Таткото на починатиот Никлола, Тони Саздовски во однос на изјавите на обвинетите кои ги кажале при реконструкцијата, рече дека тие биле контрадикторни бидејќи според нив и нивниот опис рекле дека Никола ги нападнал нив и на некој начин, како што рече, дури тој нив ги истепал, поради што едниот од обвинетите се жалел дека имал повреда во половината и некаква рана.

Сакам да кажам дека не само што лажат, тие се тотално контрадикторни од една во друга па и во третата изјава, рече таткото на Саздовски.

Според адвокатот на обвинетите Насер Рауфи, од реконструкцијата се видело дека починатиот Никола го изгубил животот поради тоа што удрил во кутијата на ЕВН.

Сите беа недвосмслени со тоа дека имало удар и дека со дел од главата удрил во кутијата што практично не може да стане збор ни за убиство, ни за кривично дело убиство, туку едноставно се работи за школски пример на кривичното дело насилство со смртна последица, истакна адвокатот Рауфи.

Во однос на изјавата на адвокатот на оштетениот за немањето можност да настане смртна последица од пластична кутија, Рауфи рече дека тие како одбрана ќе повикаат лица од ЕВН кое ќе објасни дека таа е метална кутија, но опшиена со пластика.

Дека се работи за тврд предмет кој за жал го изгуби животот починатиот Никола тоа е недвосмислено, нагласи Рауфи.

Според обвинителниот акт, Беља и Демири заедно со Ј. Љ. (19), кој е во бегство, на 29 јуни минатата година крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ на булеварот „Александар Македонски“ во Автокоманда.

Од здобиените повреди, Саздовски на 9 јули 2018 година почина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Двајцата од напаѓачите, Бесир Беља и Скендер Демири, се во притвор во затворот „Скопје“ во Шутка, а за третоосомничениот, кој сè уште е недостапен за органите на прогонот, е распишана домашна и меѓународна потерница.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.