Народниот правобранител дека отвори предмет по сопствена иницијатива во врска со информациите од медиумите, како и јавувања од роднини на притворени лица, дека во притворското одделение на Затвор „Скопје“-Скопје, се случило инцидент, при што поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски се здобиле со повреди.
Екипи на Народниот правобранител се во Затворот „Скопје“, и темелно ќе го истражат целиот случај, ќе се обезбеди целосната документација, ќе се разговара со лицата кои учествувале во инцидентот, со очевидци на настанот, службени лица, ќе се изврши увид на местото на настанот, а ќе се обезбедат и видео снимки од камерите за надзор. Исто така, согласно член 24 став 1 алинеја 3 од Законот за народниот правобранител, ќе бидат повикани на разговор директорот на Управата за извршување на санкциите, директорот на Затворот „Скопје“, и сите други службени лица кои можат да дадат определени податоци во постапката, со цел објективно утврдување на состојбата во врска со овој настан, по што Народниот правобранител ќе ја информира јавноста за утврдената состојба, се вели во соопштението.
Во меѓувреме Народниот правобранител потсетува дека ваквите настани, ги потврдуваат неговите повеќегодишни и континуирани укажувања за сериозноста на проблемите со затворскиот систем од секаков аспект: материјално, кадровски, безбедносен, здравствен, образовен и сл. Според Народниот правобранител, тоа што се случува во казнено- поправните установи е резултат на поставувањето на нестручни и партиски кадри на раководни позиции во овие установи, што создава длабоки поделби од различен аспект: национален, верски, партиски, а како последица на ова е лошиот безбедносен систем не само за осудените и притворени лица туку и општеството во целина.
Затворскиот систем во моментот е место во кој пресметките помеѓу осудените, како и притворените лица се чести, а причините се различни, но општо познати: од „посредување“ за добивање погодност, набавка на телефон, преку обезбедување кревет, давање на други услуги – и сето тоа за определена парична надокнада, во што се инволвирани и вработените во затворите. За сето ова, како и за нефункционалната ресоцијализација која наместо да превоспитува, регрутира лица со девијантно однесување ја алармиравме јавноста и побаравме од менаџментот на затворите и Управата за извршување на санкциите сериозно да ги испитаат ваквите сознанија и изјави од осудените лица, но до денес нема реакција, велат од Народниот правобранител.
Народниот правобранител апелира до раководството на казнено поправните установи, Управата за извршување на санкциите, како и Министерството за правда сериозно да се нафатат со подобрување на затворскиот систем во целина, а притоа, особено да се има предвид сериозноста на ситуацијата, преку преземање мерки за обезбедување на физичкиот интегритет на лицата, мониторирање, превенирање и спречување на физичко и друг вид насилство кое може да го загрози здравјето и животот на лицето додека ја издржува мерката притвор или казната затвор. Оттука, Народниот правобранител очекува надлежните органи да ги преземат сите мерки за расчистување на овој настан и да утврдат дали од страна на припадниците на затворската полиција или другите служби соодветно се реагирало и следствено да се санкционираат лицата, кои иако имаа обврска да превенираат и спречат насилство, дозволиле тоа да се случи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.