Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, осомничено за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.

Како што е соопштено од МВР, осомничениот го приспособил најгорниот кат од својот дом во Козле, за одгледување растенија од типот Cannabis, при што направил импровизирана лабораторија со 52 растенија, импровизирана сушилница од картонски кутии каде што го сушел растението, а потоа го дробел и пакувал за продажба и вршел екстракција на масло од марихуана.

При претрес на домот на осомничениот била пронајдена марихуана со вкупна нето-маса од 1.324,43 грама, спакувана во повеќе различни тегли и ќеси, хашиш-масло со вкупен волумен од 27 милилитри во 54 капсули, хашиш-смола со вкупен волумен од 30,7 милилитри во 11 пластични шприцеви, како и дигитална вага, вентилатори, термометри, инструменти за мерење влажност, екстрактор и други апарати што ги користел во импровизираната лабораторија.

Поради постоење опасност осомничениот да се даде во бегство со цел да го избегне кривичниот прогон или да го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.