Стабилна е безбедносната состојба на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, каде е прогласена кризна состојба. Во рамките на предвидените мерки во оперативниот план, полициските службеници непречено ги реализираат мото-патролите низ градските средини и приградските населби, се вели во соопштението на МВР

Не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир и нема регистрирани сообраќајни незгоди. На терен, без проблем се одвиваат активностите кон лица што се ставени под мерки за самоизолација, здравствен надзор и домашна изолација.

Во општините Дебар и Центар Жупа без проблеми се реализираат мерките за контрола при влез на патнички и други моторни возила, како и активностите за дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини. Сите правни лица кои вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб (046/831 051) по што, нивните возила со полициска придружба ќе бидат спроведени до соодветните трговски објекти.

Влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено е оневозможен, односно строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини.

Упатуваме апел до граѓаните, строго да ја почитуваат одлука на Владата за забрана на движењето од 21 до 5 часот секој ден, како и дисциплинирано да се придржуваат до сите останати препорачани мерки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на коронавирусот (ковид-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници, соопшти МВР.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.