Полицијата ноќеска спровела акција за сузбивање на трговија со дрога на повеќе различни локации во Скопје и други градови во државата, што се подготвувала изминативе три месеци.

Пронајдени се дрога, пари, оружје и други премети, три лица се приведени, а по едно се трага. Против нив ќе бидат поднесени кривични пријави.

Вчера од страна на Бирото за Јавна Безбедност – Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција, во соработка со Одделот за специјални полициски операции при МВР, а во тесна координација со ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, спроведе полициска операција со цел сузбивање на организирана криминална група инволвирана во организирање на набавка на наркотична дрога – кокаин, и нејзина дистирибуција и продажба на повеќе различни локации во Скопје и други градови во државата. Во текот на денов (10.05.) ОСОСК на МВР до ОЈО за ГОКК ќе поднесе кривична пријава против четири лица и тоа: И.Ј. (41), Б.Ј. (31) двајцата од населбата Ченто, Н.М (37) од населба Чаир, и Д.Р. (19) од село Арачиново, а за постоење основи за сомнение за сторено кривично дело – „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” казниво по чл.215 ст.3 од КЗ на РСМ, соопшти МВР.

Оттаму информираат дека обемната криминалистичка истрага се спроведувала изминативе три месеци, а целта била сузбивање на четиричлена организирана криминална група од Скопје, која била идентификувана како организирана криминална група со дефинирана строга хиерархиска поставеност, која се занимава со набавка на поголема количина кокаин, кој бил препакуван, мешан и продаван на корисници на подрачјето на Град Скопје.

За криминалната група беше утврдено дека во текот на своето делувување вршела коруптивни дејствија заради добивање податоци за мерките кои ги презема МВР кон членовите на ОКГ, како и за добивање корисни информации за конкретни судски постапки кои се водат против нив.Преку продажбата на кокаин, овие лица се стекнале со големи износи на парични средства, кои ги инвестирале во купување на луксузни моторни возила, станови и изградба на куќи, се наведува во соопштението од МВР.

Од полицијата информираат дека е документирано и дека оваа група во текот на своето делување користела насилство и закани кон лица-корисници на кокаин, кои навремено не плаќале за набавениот кокаин.

За време на спроведувањето на криминалистичкото истражување, обезбедени се голем број на материјални докази и документирани се бројни купопродажби на кокаин кон менаџери на кафе барови, ноќни клубови и ресторани, потоа адвокати, директори, банкари и вработени во јавна администрација, при што лишени од слобода беа 12 лица. Во контекст на ова, а во рамки на истрагата претходно поднесени се две кривични пријави до ОЈО Скопје и ОЈО Куманово, против две лица од кои едно лице вработено на висока позиција во Царинската управа за сторено кривично дело – „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” казниво по чл.215 ст.1 и „овозможување на употреба на наркотични дроги“ по чл.216 ст.1од КЗ на РСМ, велат од МВР.

При реализацијата биле вклучени соодветен број полициски сили од ОСОСК, ОКП, ОСПО, ОКТИВ и други организациони единици од МВР, при што претреси биле извршени на повеќе различни локации во населбите Чаир и Ченто и село Грушино, скопско.

Операцијата оптпочна во момент кога лидерот на криминалната група се обиде да ја напушти државата, а лишен од слобота беше на меѓународниот аеродром „Скопје“, со поголема количина на парични средства. Исто така од слобода беа лишени уште две лица членови на групата, а по едно се трага. Еден од членовите на групата беше лишен од слобода во текот на ноќта при обид за бегство од лишување од слобода во неговиот дом, велат од МВР.

Од извршените претреси пронајдени и привремено одземени се: одредена количина на кокаин, парични средства (6.300 швајцарски франци, 150 САД долари, 150 Евра и 28.500,00 денари), пет луксузни патнички возила (марка Јагуар, БМВ, Ауди А8, Шевролет Калос и Сеат Алтеа), еден пиштол марка „карл валтер“, две пушки и 52 куршуми различен калибар, два панцира, две мали дигитални ваги, повеќе мобилни телефони, држачи за сим картици, две УСБ-еа и документација за возило. Количината и квалитетот на пронајдениот и одземен кокаин дополнитело ќе биде утврден со крим-техничко вештачење.

Дополнително, за пронајденото огненено оружје ќе бидат поднесени кривични пријави и за сторено кривично дело „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ по чл.396 од КЗ на РМ, а МВР ќе ја прошири истрагата кон полициски службеници за кои во текот на истрагата се обезбедени информации и основи на сомневање за поврзаност со припадниците на оваа организирана криминална група, соопшти МВР.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.