Автобус на српски туристички авто превозник Дунавтурс, утрово бил каменуван сред Скопје, на паркингот пред Холидеј Ин, пишува српски Курир. Како што им раскажал менаџерот на компанијата, во автобусот се превезувале руски граѓани кои правеле тура во земјите од регионот – Србија, Црна Гора, Албанија и Македонија. По пристигнувањето во Скопје, автобусот бил паркиран во центарот на градот, а туристите и возачот отишле да преспијат. Инцидентот се случил утрово во 7 часот, ги вознемирил туристите и го загрозил продолжувањето на патувањето, додал тој.
Засега непознати сторители го оштетиле возилото и со цигли ги искршиле стаклата. Потоа провалиле во автобусот и ги украле личните работи на патниците и возачите кои биле оставени во возилото.
Веднаш по пријавата, полицијата и екипа за форензика излегле на терен и спроведуваат истрага.
На скршениот прозорец биле пронајдени и траги од крв.
Сè уште не е утврдена причината за ваквиот вандалски чин, иако полицијата во Македонија работи на расветлување на овој случај. Поради оштетувањето на автобусот, неизвесно е дали туристите воопшто ќе го продолжат веќе планираното патување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.