„На обвинетиот му се изрекува УСЛОВНА ОСУДА со која му се утврдува казна затвор во траење од две години и истовремено се определува дека утврдената казна нема да се изврши доколку за време од 4 години од правосилност на пресудата не стори ново кривично дело“. Ова е пресудата што ја изрече судијата Бојан Мартиноски од Основниот суд во Охрид на 24 годишниот Антонио Ангелоски од охридското село Лескоец, обвинет за сообраќајната несреќа што се случи лани на 16 август час и половина после полноќ на регионалниот пат Охрид-Св Наум.

Тогаш згаснаа животите на две млади момчиња, три девојки претрпеа тешки телесни повреди со сериозни последици.

Во пресудата пишува дека обвинетиот Ангелоски, со својот автомобил „голф“, престигнувајќи друго возило „фолксфаген“ со бризна од 106км на час каде е дозволено 60, удрил во „цитроен Ц3“ со кој управувал Иван Корач на местото каде регионалниот пат се вкрстува со спореден пат од комплексот „Инекс“.

По ударот, „цитроенот“ се забил во билбордот од десната страна на патот, а „голфот“ во оградата од левата страна.

Во „Код“ вечерва тешко повредените девојки и роднините на загинатите момчиња раскажуваат како го преживеале судскиот процес и несреќата.

Животот на 27-годишниот битолчанец Иван Корач згасна во болница, 6 часа по несреќата. Младото момче не успеа да се избори со тешките повреди на глвата, кога од силниот удар настапи крварење и нагмечување на мозкот. Милан, кој беше на совозачкото седиште во „цитроенот“, му подлегна на речиси истите повреди како и Иван, но еден месец подоцна. Родителите на двете млади момчиња, велат дека тагата и болката се преголеми, но силно боли и неправдата.

Мојот син е по вторпат убиен, еднаш убиен од несовесниот возач, вторпат убиен од судијата. Ова е доказ дека овде нема правда и дека правдата секој треба да си ја земе во свои раце, вели Владимир Корач, татко на починатиот Иван Корач.

Преголем шок, не можев да верувам дека во оваа држава толку се евтини човечките животи. Со ваква прессуда нашето судство кажува дека секој може што сака да прави, условно ќе одгвора, што значи нема да одговара, вели Љубиша Стојановски, татко на настраданиот Милан.

Трите девојки кои седеле на задното седиште во „цитроенот“, ја преживеаја несреќата, но со тешки телесни повреди.

23-годишната Исидора имаше повреди на мозокот, на двете белодробни крила, скршеници на целото тело, се хранеше и дишеше на машина повеќе месеци. Таа се уште се оправува од последиците.

Нејзината 21 годишна братучетка од Битола, Сташа, преживеа неколку операции и една година подоцна се обидува да се врати во нормален живот.

Лежев на болница неподвижна 2 недели, што во споредба со другите повредени не е многу, имав среќа во целата несреќа. Имав 4 зафати, имав во мене шипки и шрафови, потоа лежев дома уште два месеци, повтроно се учев да одам, долго бев на рехабилитација, бев на лекови цела година, само што ги прекинав сега. Во февруари имав уште една операција, пред две недели, во октомври имав уште една операција. Сетоа тоа за мене е голема траума, но не само за мене, туку и за фамилијата за друштвото, вели Сташа Божиновска, повредена во несреќата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.