Комисијата за помилување од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски в понеделник, меѓу другото, ќе треба са одлучува и за барањето на Сеад Кочан, испратено преку министерот за правда Бојан Маричиќ за делумно помилување од шест месеци, објави Алсат-М.

Новоизбраната единасетчлена комисија, предводена од Уранија Пировска, мора да одлучи дали ќе му прости на бизнисменот кој беше осуден дека го оштетил државниот буџет од 17 милиони евра.

Барањето на Кочан е упатено од затворот Идризово, а го разгледуваше посебна комисија при Министерството за правда.

Иако од ова Министерство велат дека нема барање за помилување на Кочан, Алсат вчера го објави документот со кој министерот Бојан Маричиќ бара Кочан да биде делумно помилуван за шест месеци.

„Делумно да биде ослободен од натамошно издржување затворска казна, односно шест месеци“, стои во барањето за помилување.

Затворската казна почнал да ја издржува на 1.08.2019 година, додека казната му завршува на 01.04.2024 година. Осудениот има одлежано 2 години и 5 месеци од казната. Од 01.01.2022 година треба да одлежи уште 2 години и 3 месеци затвор.

Неофицијално, 6 од 11 членови се против барањето на Маричиќ и најавија бојкот на состанокот, постапка што ќе ја оневозможи работата на телото за помилување. Во отсуство на кворум, во прашање се и други помилувања.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.