На Клиниката за радиотерапија и онкологија медицинска сестра која работела во дневната амбуланта, каде пациентите добиваат терапија, била фатена како краде цитостатик. Случајот е пријавен во полиција и отворена е истрага, пренесува „Слободен печат“.

Од порталот наведуваат дека настанот се случил пред една недела. Медицинската сестра од дневната болница сакала да изнесе цитостатик кој бил наменет за некои од пациентите кои требало тој ден да примат терапија. Тој тип на цитостатикот се користи за лекување на пациенти со различни видови на малигни заболувања, меѓу кои и рак на гради.

Ако цитостатикот бил украден тогаш сериозно прашање е што ќе му било дадено на пациентот, бидејќи терапијата се дава точно за одреден пациент со име и презиме. Прашање е и дали ова е прв пат или веќе се случувало до сега, ако веќе има информации дека лековите кои се краделе од тука се продавале на Косово, велат вработени на оваа клиника.

Случајот го потврдиле и од МВР и од Клиниката.

Истрагата ќе треба да покаже дали вработената е фатена при првиот обид за кражба или тоа и досега се случувало без да биде откриено, како и тоа дали во случајот се вмешани и други вработените на клиниката кои учествувале во набавката и дистрибуцијата на лековите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.