Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против лице за кривичното дело Загрозување на сигурноста според член 144 став четири во врска со став два и став еден од Кривичниот законик. Како што соопштува Јавното обвинителство, на 6 ноември осомничениот упатил сериозна закана дека ќе нападне по животот и телото на повеќе службени лица, вработени во Амбасадата на Република Косово во Скопје, со што кај жртвите предизвика чувство на несигурност, загрозеност и страв.

Лицето се јавило од мобилен телефон на службениот телефон во дипломатското претставништво и се заканил дека ако не биде примен на итна средба, ќе ја нападне Амбасадата и вработените, известуваат од Обвинителството.

Со цел неперечено водење на постапката и обезбедување на присуството на осомничениот, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување повеќе мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, привремено одземање на патната исправа, забрана за посетување на Амбасадата на Република Косово, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со амбасадорот и со други службени лица вработени во Амбасадата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.