Статистичките податоци покажуваат дека во Македонија најмногу се губат личните карти. Само од почетокот на годинава досега се изгубени 15.682 лични карти, односно се извршени толку објави во „Службен весник на РМ“, вели директорот на ЈП „Службен весник на РМ“, Мартин Костовски.
Во истиот период, додава тој, изгубени се 3.748 пасоши, 1.932 дипломи, околу 3.600 картички за здравственото осигурување, 6.081 возачка дозвола и 3.157 сообраќајни дозволи.

Во интервјуто Костовски најави дека сите заинтересирани правни и физички лица од следната година преку мобилна апликација ќе имаат пристап до услугите и производите кои ги нуди на ЈП „Службен весник на Република Македонија“.

Оваа мобилна верзија, како што појаснува тој, ќе овозможи пребарување по клучни зборови, по предметен регистар, по доносител и тип на пропис, поставување на нотификации за сите промени во правната регулатива, како и можност за купување на производи и услуги кои ги нуди претпријатието.

Костовски очекува до крајот на годинава, со Врховен суд на РМ да потпишат меморандум за соработка, со што ќе се овозможи автоматска објава на огласите од АКМИС-системот до „Службен весник на РМ“.

Со тоа, како што додава, ќе се елеминира досегашната практика за мануелна обработка и внес на секој оглас и нивно печатење во хартиена верзија во интерес на зголемена ефикасност и економичност при нивното менаџирање.

Првиот човек на „Службен весник на РМ“ информира дека кај нив сѐ уште не се доставени Законот за употреба на јазиците и Законот за Преспанскиот договор за името.

– ЈП „Службен весник на РМ“, како досега така и отсега, работи и ќе работи исклучиво во согласност со Уставот и законите. Неколкупати досега, како институција, потенциравме дека нема да им бидеме пречка на интегративните процеси на Владата на РМ туку напротив, во согласност со позитивните прописи на РМ, ќе дадеме свој придонес на конкретната тема, вели директорот на „Службен весник на РМ“ Мартин Костовски во интервјуто кое целосно ќе биде објавено денеска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.