Македонската полиција во координирана акција со австриската и српската полиција заплени 17 килограми хероин и пет килограми кокаин, кои на нелегалниот пазар достигнуваат вредност од околу милион евра. Во акцијата уапсени се 12 лица.
Од полицијата известија дека групата била составена од македонски државјани кои вршеле продажба и транспорт на наркотична дрога хероин во регионот и во земјите од Западна Европа.
На 20 минатиот месец австриската полиција ги уапсила двајцата македонски државјани, С.Р. (27) и К.Џ. (58) кој со возило со македонски таблички во специјално направен бункер, сокриле пет килограм хероин со многу висок квалитет.
Во рамките на меѓународната истрага на трети овој месец во Унгарија на излез на граничниот премин „Хоргош“ уапсени се македонските државјани Е.А. (48) од Скопје, нејзината керќа Ш.А. (21) и Ш.И. (27) сите од Скопје кој со џип „мерцедес“ пренесувале пет килограми кокаин сокриен во специјално направен бункер.
По преземени мерки и активности на австриската полиција на 6 овој месец во Виена уапсени се албанскиот државјанин Б.Т. (30) и македонскиот државјанин Б.Џ. (47) од Битола, кој привремено престојувал во Австрија, кај кој е пронајдено пет килограми хероин.
Меѓународната истрага продолжи со преземање на мерки и активности, при што вчера во Република Србија, во градовите Врање и Нови Сад, во заедничката и координирана акција на српската и македонската полиција, лишени се од слобода тројца македонски државјани и тоа Р. Ф. (48) од Тетово, А.С. (45) од Скопје и С.С. (47) од Куманово во обид да извршат продажба на хероин на српски државјанин, која била сокриена во патнички автомобил во резервно тркало. Хероинот бил пакуван во 13 пакувања со вкупна тежина од седум килограми со многу висок квалитет.
Во земјава пак се извршени претреси на неколку локации во Тетово, Скопје и во Куманово, кај лица кои се дел од оваа криминална група. При претресите, уапсени се Х.Ф. (45) од Тетово и Ј.А. (48) од Скопје кој биле дел од организираната криминална група и кај кој се пронајдени пари кои потекнувааат од продажба на наркотична дрога. Исто така кај нив е пронајдена помала количина на кокаин и една вага, како и многу докази со кои се потврдува нивната инволвираност во вршењето на кривичното дело недозволена трговија со наркотични дроги, извести полицијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.