Повеќе пожари се активни во Скопско, Битолско, Преспа, Тетовско, Охридско, Македонски Брод, Велешко, Штипско и Кумановско. Главно се зафатени шумски појаси и суви треви, но пожарот кај Фабриката за тури „Типо“ во Драчево ја зафатил и пругата, а оштетени се и пет столба на ЕВН кај Желино, за кој е побарано интервенција на канадерите за гаснење на пожар на Дирекцијата за заштита и спасување.

Во скопскиот регион гори поголема површина нискостеблеста дабова шума и трње, во местото Љуботенски бачила, а пожарот поради ветерот се шири кон местото викано Башинец. Теренот е непристапен и побарано е да дејствуваат авионите на Дирекција за заштита и спасување.

На лице место се упатени припадници на шумско стопанство Караџицa.

Активен пожар има и во близина на фабриката за тули „Типо“ – Драчево кој зафатил и дел од пругата. Побарано е од ЕВН да ја исклучи струјата на таа траса поради интервенција со вода.

Шумски пожар е појавен и кај манастирот „Св. Богородица“ – Матка, а поради силниот ветер пожарот се шири брзо. Известена е БППЗ на Град Скопје и ШС Караџица.

Во битолскиот регион има активен пожар кај селата Прељубје и Покрвеник.- Перово место викано Вича. Гори сува трева и трска, и неколку овошни насади, опожарена е површина од околу 50 хектари. Ангажирани се ТППЕ-Единица и ренџерска служба како и лица од месното население.

Пожарот во Национален Парк Галичица реонот туристичка населба Сирхан-место викано Кале се движи кон село Отешево, а опожарено е околу 70 хектари, гори сува трева и нискостеблеста шума. Во гаснењето на пожарот интервенираат лица од Национален парк Галичица и пожарникари од ТППЕ-Ресен. Ограничено е гасењето од земја од причина, што има остатоци од експлозивни средства од Првата светска војна.

Во тетовски регион пожарот има кај село Лакавица, општина Желино кој е се уште активен. Од единицата за локална самоуправа Желино е испратено и писмено барање до ДЗС Тетово за употреба на канадерите за интервенција за гасење на пожарот што е на тешко непристапен терен. Од пожарот се изгорени и пет електрични столбови, а селата од тој реон се без електрична енергија, за што се информирани ЕВН од каде што се излезени екипи на терен за согледување на состојбата и интервенција и санирање на последиците.

Во охридскиот регион во моментот има активен пожар во атарот на село Рамне во многу непристапен терен, каде гори ниска деградирана шума и смрека. На гаснење на пожарот има вработени од Шумско стопанство „Сандански“.

Во општина Македонски Брод се интервенира на пожар во атарот на село Ботушје каде гори дабова шума. На гаснење на пожарот интервенираат вработени од Шумско стопанство „Сандански“ и од месното население.

Во велешкиот регион активен пожар има во атар на село Црешнево. Во гаснењето на пожарот интервенираат екипа на Шумско стопанство „Бабуна“ и пожарникари од ТППЕ Велес.

Во општина Чашка има пожар во атарот на село Богомила, екипа на Шумско стопанство „Бабуна“ интервенира со правење на заштитен појас .

Во штипскиот регион во атарот на Саса место викано Трканица Владимирово има активен пожар каде гори папрат и деградирана дабова и борова шума. Во гаснењето на пожарот интервенираа авиони од ДСЗ. На терен се ТППЕ Делчево, со вработени од Шумското стопанство и месно население за да се спречи ширење на пожарот кон викенд куќички.

Во кумановскиот регион активен пожар има во Општина Липково во атарoт на село Никуштак кај место викано Баре. Екипи на Шумско стопанство се на терен и интервенираат во гаснење на пожарот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.